Во Македонија често се случува различни луѓе во тек на некој разговор да ми кажат: ‘Ти си Холанѓанец.’ Со провокаторски тон: ‘Странец’. Тогаш се наежувам. Ги сфаќам, ама изгледа тие мене не. Разделени сме, живееме одалечени, но пред коронова се гледавме доста редовно во живо, размислуваме различно на одредени теми и со други очи гледаме на планетава. Всушност сметам дека е убаво и добро да дискутираме едни со други. Понекогаш се согласуваме, а друг пат не. Инаку сум секогаш и секаде Македонец. Таму се моите корени, таму сум роден. Крвта македонска не можам и не сакам да ја менувам. Имам македонско срце во портокалово тело.

Ја сум мешавина од пиперки полнети со лебче и пиреј, со кисела зелка и варен колбас. Танц на повеќе култури, миризби, вкусови, бесценето доживотно богатство. Со седум јазици сум израстен. Патувањата низ светот и запознавањето со секакви обичаи на сите континенти ми ги отворија очите, дека не се врти се околу Македонија и Холандија. Аме леле колку е убаво од било каде да си одиш дома. Дома во Македонија и Холандија. Од дома до дома. Покрај тоа, каде е вистинската дома?

Колку и да зборувам чисто холандски без акцент, 177% сум интегриран. Ги почитувам уставните вредности, се однесувам холандски (се според часовник и договор, одам со велосипед до супермаркет). Си ја сакам Холандија многу. Моето име и презиме, мојата темна кожа, мојата Југоисточна европска фаца (звучиТ интернационално по позитивно од Балканска) и мојте карактеристики, го откриваат моето потекло. Крстен сум во Македонија, исто и синот. Свадбената и црковна церемонија ми беше во Охрид.

Запамтив лекција од татко ми. Тој секогаш вели скромно: колку и да ја сакаме Холандија, колку и да се трудиме со најдобри намери да сме Холанѓани, секогаш сме ‘странци/гости’. Не, никогаш не сум дискриминиран во Холандија. Биди си Македонец, јади си ајвар, сарма, играј си оро, уживај во музика, литература, поезија, филмови, зборувај македонски, пренесувај обичаи, рекламирај ја Македонија, чувај си слики, историски сувенири, резбани уметнички дела, гледај, читај за својата родна земја, децата ги учиме македонски… Имав прилика да го преведам филмот ‘Пред Дождод’ за холандската публика. Се за мила родна земја. Ама на крај сме во Холандија. Тоа им е, културно речено, нив (ин)директен услов: асимилација. Во Холандија сум Холанѓанец со странско потекло. Без проблеми се прилагодивме со децени.

Ние кои живееме во туѓина, во дијаспората, ние иселениците сме секаде ‘странци’. Планот од моите родители бил привремено на печалба. Испадна сосема друга приказна. Нели, ни ваму ни таму. Секој еден со својот ранец и правец. Нема потреба од печати дали е некој патриот, националист, шовинист. Сите си ја сакаме татковината, се грижиме и си ја критикуваме Македонија. На свој начин. Што секогаш нас не поврзува толку многу со татковината? Доаѓаме доста често и убавиот однос со повеќето од фамилијата.

Ама кога и како сум Македонец или Холангјанец? Тоа е разлика помеѓу топло и ладно. Помеѓу лабаво и регуларно. За мене најважно е каде си, во каков амбиент, со кого и како се чувствуваш во тој момент. Броење до десет е мое упатство. Се зависност на кој јазик бројам во глава. На холандски слободно ќе стигнам до 7, 8, 9, 10 и со компромис ке се решиТ се. Ако бројам на македонски, тогаш сум по емотивен, темпраментен, можиТ и броењето да закочиТ. ‘Feeling-от’ е најважна индикација. Тоа деликатно ‘странец’ го гледам како дополнителен, злато вреден и корисен багаж, споена двосмисленост.

Што ќе правам со пописов? Ние веќе сме запишани во Македонија со матичен број, со адреса и куќа во Охрид. Зошто сега дупло регистрирање? Разбирам се, јасни се сите актуелни дискуси помеѓу за и против. И кај мене се јави сомнеж за некој работи, кога ја отворив веб страницата за пописот. Испадна мини-анкета, така со детални прашања не очекував да биде. Немам ништо што да кријам. Веќе секаде скоро автоматски даваме наши податоци без и да сме свесни, по социјални мрежи делиме се. Купуваме онлајн, даваме броеви од кредитни картички, копија од пасоши и возачки, оставаме слики и траги на интернет. Google подобро знаe каде и кaј сме и што сакаме, отколку ние самите.

Во вакви моменти на дилема дали да го пополнам пописов или не, помислувам на случки и искуства. Од нив црпам инспирација за решение. Пред неколку години имав средба со еден македонски пар во Холандија, дечко и девојка. ЛинкедИн Македонци, така самите се нарекуваа. Интелектуалци, демек. Беа тазе дојдени во Холандија. Онака си разговаравме за крави и телиња. После едно време типот ми вели: ‘Ама ти си од Охрид, се осеќа по твојот акцент.’ Ко да бев нешто помалку од него, ме збуна. ‘А, и ти си дете од гастарбајтери.’ Да, заборавив, тие се друга класа, со факултети. Точно е, јас сум од планина слезен. Ги прашав зошто тие се одлучија да ја напуштат милата Македонија. ‘Па, не гледаш како е доле, ужасно е, ниски плати, нема перспектива, исполитизирано е, и едните и другите ја продадоа државата, политичарите си гледаат само за себе, тука сме за подобар живот, за подобри можности и да оствариме нешто за во иднина.’ Продолжив иритиран, со коректна насмевка. Што мислите, зошто моите родители на времето дошле тука? За трошка среќа и некоја надеж, за сон. Да, јас сум дете од гастарбајтери, кој успешно заврши факулет. Горд сум. Иако сме од охридското село Плаќе. Не сум бил јас веќе Македонец, според нив. Ме прекрстија Холанѓанец, затоа што сум бил одамна овде. На крај ги прашав со какви пасоши се тие дојдени во Холандија? ‘Со Бугарски.’

Ние барем стигнавме со македонскиот воз во Холандија. Има уште време, до крај на април за пописов. Секој сам за себе одлучува. Јас повеќе се плашам за тоа како моите податоци ќе се  заштитени во државните компјутерски системи, кои институци и кои луѓе ќе имаат точно пристап до моите податоци и за што ќе се користаат? Ама приватноста во ова време и така е веќе умрена. Зошто тогаш да комплицирам. Како се вели: еднаш Македонец, секогаш и секаде Македонец.

Влатко Амстердам

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите