Повод: Запишувањето на ученици во прво одделение

Од  1 јуни започнуваат уписите на првачињата во нашата држава. Запишувањето на првачињата според реонот во којшто живеат е законска обврска, а не право на избор на родителите.

Имено на четириесет и третата седница на Советот на општина Охрид едногласно беше прифатена одлуката за утврдување на реоните од кои се запишуваат ученците во основните училишта во општина Охрид.

Исто така во август 2019 година беа донесени и измени во Законот за основно образование со кои родителот не може да го запише своето дете во училиште од друг реон без согласност од училиштето во кое припаѓа.

Со почитувањето на Законот за основно образование и одликата за реонизација на општина Охрид нема да се прави осипување на паралелките, нема да има вештачки технолошки вишоци, ќе има праведна етничка застапеност на етникумите кои наставата ја следат на македонски наставен јазик и нема да се оптеретува буџетот на општината со плаќање превоз на ученици на кои законски не им следи бесплатен превоз, затоа што законски тој се обезбедува за ученици кои живеат на 2 или повеќе километри од најблиското училиште.

Со ова се реши едно долгогодишно болно прашање на повеќе локални училишта кои мака мачат да ги запишат учениците од својот реон.

Училиштата кои секоја година се среќаваа со овие проблеми ја поздравуваат одлуката на градоначалникот д-р Константин Георгиески, на одделението за образование при Секторот за јавни дејности кои се заложи за обновување на застарената реонизација, и на Советот на општина Охрид.

Сега останува Државниот просветен инспекторат да се погрижи за спроведување на законот и одлуката за реонизација на советот.

Џемал Мехмед
директор на ОУ „Братство и Единство“

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите