Со антологиската „Т’ га за југ“ интерпретирана на македонски и англиски јазик и со спектакулерен огномет, Струга по 56-ти пат покажа дека е град на поезијата.

Поздравувајќи ги поетите и вљубениците во поетскат реч директорот на СВП , Мите Стефоски рече: „Не помалку од мечот освоил зборот. И тие војни понекогаш се и пострашни и посвирепи од оние другите. Не еднаш сме рекле дека поезијата е чувар на малите јазици. Зашто јазикот се сака со творештво. А тоа творештво постојано ги испитува моќите и можностите на јазикот. Она заради што постојат поетските фестивали и што ја дава нивната смисла е да се слави умеењето со јазикот да се создаде нешто што не постоело претходно. Поетското творештво е скулптурирање на светот со жив јазик- истакна Стефоски.

На отворањето се обрати и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски кој најави дека поддршката на Министерството ќе продолжи и во иднина и дека фестивалот се очекува и понатаму да биде предводник во светот и да го покажува најдоброто од домашното и меѓународното поетско творештво.

„Децении наназад овој фестивал кој се одржува во градот на Миладиновци претставува собир на најдоброто од светската поезија, место за размена на искуства, идеи и визии, кои ја движат културата напред, не само нејзините хоризонти, туку и видиците на нашите општества и нашата цивилизација воопшто“ – подвлече Алаѓозовски прогласувајќи го фестивалот за отворен.

Воодушевувањето од чинот на отворањето и од фестивалот не го криеше ниту годинашниот лауреат Чарлс Симиќ кој на традиционалното меѓународно поетско читање настапи заедно со 27 поети од странство.

За денес, предвидени се повеќе активности. Ќе се претстави портретот на Иван Џепароски, минатогодишен добитник на наградта „Браќа Миладиновци“, поетско читање ќе имаат поетите од потесниот избор за годинашен добитник на наградата, на програмата се и Симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“, портретот на Горан Чолакхоџиќ, добитник на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО, претставување на програмата Креативна Европа и платформата ВЕРСОПОЛИС, а во 19 часот ќе се одржи Вечер на македонска поезија и во 20.30 Вечер со досегашните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“ по повод 55 годишниот јубилеј.

OhridNews