Вечерва со рецитација на песната „Послание“ од Блаже Конески во изведба на Љупка Евроска се отворија Летните уметнички ноќи на улица Самоилова во Охрид кои во континуитет ќе се одржуваат во текот на ова лето.
Во рамките на манифестацијата пригодно обраќање со осврт за историјата на улицата Самоилова и за смислата на манифестацијата одржа Димитар Пандев, а беше претставен портретот на свети Наум од охридскиот уметник Славко Упевче. Централен настан на манифестацијата беше говорот на Димитар Пандев насловен „Свети Наум на фонот на македонската културна историја“.
Според Пандев, македонската културна историја е прецизно кодирана во првото житие на свети Наум, исто онака како што подемот на охридската црква е засведочен во второто и третото житие на свети Наум; ликот и делата на свети Наум биле предмет на проучување на повеќе истакнати слависти како Петар Лавров и Афанасиј Селишчев, на повеќе македонски филолози: Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ и други, како и на повеќе охриѓани: Цветан Грозданов, Никола Бошале, Драги Стефанија, Наум Целакоски, Стојан Ристески и други.
Меѓу првите етнографи, за црквата Свети Наум пишувал и Јордан Хаџи Константинов – Џинот, кој меѓу другото забележал: „Ракописните пергамени несмислени калуѓери, не от наш јазик, ги изгорели и в езерото ги хврлили, но оште има.“
Манифестацијата ЛУНУС во рамките на „Култура 365“ ве очекува!
OhridNews














