Отворени пунктовите на кои граѓаните можат да донираат средства за помош на настраданите во поплавите во Србија и Босна и Херцеговина. Во организација на општинскиот црвен крст, локалната самоуправа и српското здружение „Коштана“ од денес се реализира хуманитарната акција „Охрид, од срце, за Србија и Босна!“, во чии рамки се поставени пунктови за донирање прехрамбени производи (конзервирани, трајни), вода за пиење-флаширана, храна за бебиња, средства за хигиена, нова облека, обувки, гумени чизми, ќебиња.
Главните собирни пунктови се во седиштето на Црвен крст Охрид на улицата „Димитар Влахов“, и кај новата автобуска станица на улица „15- ти корпус“, кои ќе бидат отворени секој ден од 10 до 18 часот. Освен на овие две локации, собирни пунктови се отворени и во маркетите на Тинекс, Дон, Стоп Шоп, Тамаро и Кам.
– Во консултација со Црвен крст Србија е утврдено дека наведените производи се најнеопходни. На пунктовите ќе има дежурни служби, кои потоа ќе ги сортираат собраните производи и кога ќе се создадат услови, помошта заедно со од останатите градови со конвој ќе биде испратена во Србија и Босна и Херцеговина, изјави претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Хуманите граѓани може да донираат и парични средства преку уплата на жиро сметка на Фондот за солидарност на Црвени крст 300000001327966, ДБ 4030984271620, Комерцијална банка или да донираат 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143 400.
Градоначалникот Никола Бакрачески упати апел до охриѓани што помасовно да се вклучат во акцијата и да донираат колку што можат.
– Утре ќе заседаваат комисиите на советот за одвојување на одредена сума финансиски средства за донирање на над 300 хуманитарни пакети. Локалната самоуправа во координација со општинскиот Црвен крст дава секаков вид поддршка за што поуспешна реализација на акцијата, рече Бакрачески.
Тимови од општинскиот Црвен крст се во постојан контакт со републичкиот Црвен крст и се подготвени доколку е потребно веднаш да заминат во загрозените подрачја каде ќе помогнат при евакуација на населението и расчистување на поплавените подрачја.
OhridNews