Почитуван Градоначалник.

Се јавувам како една од многуте разочарани граѓани на еден од најубавите градови во светов – Охрид, со остра реакција, подобро речено КРИТИКА на (не)работата на Вашата општинска администрација, поточно секторот за урбанизам.

Родена сум во овој прекрасен град што го носам во срцево цел живот, и иако долги години живеам далеку од Охрид, решив да се вратам во Македонија и баш тука да изградам куќа и да уживам во повратничките денови, до крајот на животот. За таа цел пред извесно време со голема радост купив една парцела. Добив информација дека мора прво да се изработи детален урбанистички план, за што се согласив да инвестирам дел од средствата. Веднаш се постави прашање, зошто морам да платам и за изработка на план кога веќе платив за купување на катастарска парцела, ќе плаќам за изградба на куќа, за која што исто така ќе платам (не мали) трошоци за комуналии на општината?! Колку што знам изработката на деталните урбанистички планови е во финансиска надлежност на локалната самоуправа, на општината? Или можеби се смениле некои работи од ко заминав од Македонија? Нејсе, во секој случај се согласив да платам одредена сума (која не е мала!), а подоцна разбрав дека јас сум повеќе исклучок отколку правило!? и дека многу мал дел сопственици на парцели вложиле во изработката на конкретниот план?! Како е тоа можно, па нели сите тие сопственици на парцели ќе градат после, нели е планот за сите нив? Зошто не плаќаат сите исто? Но тоа не е главниот разлог за мојата реакција, за тоа можеби во некоја друга прилика.

Платив колку што требеше на фирмата што го работи урбанистичкиот план, со нивно уверување дека за брзо време ќе се изработи планот и “наредната година” ќе можам да градам. Тоа беше пред точно 2 години и 4 месеци, во месец Мај 2017! Сега е Септември 2019! Од усвојување на планот нема ништо (а сега дотолку повеќе со овај тотално бесмислен мораториум!), со самото тоа не можам да извадам ни градежна дозвола, не можам да нарачам ни изработка на проект за куќата, а камоли да договарам фирма за градење! А со моето семејство ги испланиравме годишните одмори на лето да ги искористиме за изградба на куќата! Не само 2018 година туку и оваа 2019! Колку само наивно, нереално оптимистички, или подобро утопистички сме се надевале, информирани дека работата “ќе бидит”! И зошто? Затоа што општинската администрација односно секторот за урбанизам не си ја работи работата за која што е повикана и платена! Мрзливи, неработливи, неспособни, непрофесионални, неорганизирани, арогантни, инертни и безобразни! Тоа се само еден мал дел од моите пофалби за Вашите вработени! Чест на ретките исклучоци!

Планот беше доставен до соодветните служби во општината уште во Декември 2017 год. Претходно и планската програма беше потпишана уште од тогашниот Градоначалник Никола Бакрачески. После тоа бевме информирани дека со месеци немало некаква комисија за урбанизам! Со фирмата што го изработува планот бевме постојано во контакт, не информираа за некакви наводни “обврски” на комисијата, дека имале “приоритети”, “не можеле” веднаш да го “разгледаат” планот што им е доставен затоа што имале “и друга работа”, да “почекаме”, итн. А што станува со нашите права како инвеститори? Непочитувањето на законските рокови за поднесување на документи и нивно процесирање секаде во светот е недозволиво и се санкционира! Што се случува со нашите планови, инвестиции? Кој треба да одговара во една ваква ситуација? Што да правиме со нашите годишни одмори за кои се организираме уште од есен за да можеме да ги користиме наредното лето за “изградба на куќата”? Што е со скапите авионски карти кои сме ги купиле уште во Јануари? Тек така се пропаднати и одмори и карти и изградбата, заради неодговорната “работа” на општинската администрација! И крајот не се гледа! Уште колку години треба да поминат за да се усвои планот? На страна фактот што имаме информација дека за овие повеќе од 2 години ниту еден! план не бил усвоен во Општина Охрид! Фрапантно!

Дали е тоа можно да се случува во една цивилизирана држава (иако не толку финансиски богата и стабилна како западните земји), после толку заложби на сите досегашни Влади од осамостојувањето на Македонија?

Не можам да верувам ни јас, ни моите деца што пораснаа во други услови далеку од мојата матична земја, дека ваква неодговорна, несериозна работа може да се случува некаде во Европа! Се отселив пред многу години заради многу причини, меѓу другото и заради овие работи, дискриминација, лежерност, инертност, ароганција и неправедност на институциите. За жал, сеуште Македонија се соочува со истите работи! Затоа и нашите и вашите деца бегаат од таа држава и од тој град кој е навистина единствен по сите параметри но за жал е единствен и по таа неодговорност!

Си играте со судбините на луѓето! Ако Вие не можете тоа да го видите, ќе Ви кажам, точно тоа го правите! Општинската администрација е таква каква што е, а Вие како градоначалник и Вашите советници и соработници треба да се замислите и под итно да преземете чекори за да ја средите таа ситуација!

Не сакам да правам споредби со други држави или со државата каде што живеам моментално, зошто работите се неспоредливи! Едноставно, вакви работи не постојат во цивилизирани земји! Доколку и се појави некаква аномалија, службеници остануваат без работа, а богами и градоначалници без мандат! Замислете се! Дојдени сте на тоа место по избор на граѓаните, истите тие граѓани гледаат што и како се “работи“ и можат да ви го свртат грбот многу брзо! А верувајте, тоа нема да ви се допадне!

Срдечен поздрав, од Г.С. – крајно разочарана Охриѓанка во странство.”
Авторот познат на редакцијата

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите