Повод: Објавата за преземање на стопанисувањето со Центарот а вода во каналот Студенчишта од страна на ЈП „Билјанини Извори“ – Охрид

Почитувани,

ЈП „БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ“ – ОХРИД, објави дека од 04.29.2020 година, го презема на времено користење, стопанисување и одржување недвижниот имот – градежно земјиште наменето за сидрење на пловни објекти, кое се наоѓа кај каналот Студенчишта, со вкупна површина од 14426 м2. врз основа на Одлука бр.08-815 / 22 од 31.01.2020 година на Општина Охрид, за давање на времено користење на недвижен имот, на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид со која му дава на времено користење, стопанисување и одржување, недвижен имот – градежно земјиште со намена за сидрење на пловни објекти кои се наоѓаат на м.в. Студенчишта на КП.бр.5618 / 1 КО Охрид 4. Повикувајки се на оваа одлука, Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ вон сите правни процедури, незаконски и насилно го наруши повеќе од 30 годишното непречено владение на ЕК „Стрмец“ Охрид врз дел од наведената парцела, на која е лоциран Центарот за едрење на вода. Директорката на претпријатието со двајца вработени сечеше катинари на влезната врата на Центарот за едрење на вода и постави свои катинари, со што “го преведе” Центарот за едрење на вода.

Само колку да е јасно “Преземањето” е извршено од страна на директорката на претпријатието без никаква правна основа, односно истото го спроведува директор на јавно претпријатие кој злоупотребувајќи ја својата службена положба, без никаква одлука на Општина Охрид или судска одлука или преземени правни процедури за дислокација и рушење на времените објекти на Центарот за едрење на вода, “го презема” за да на истата локација во веќе постоечките објекти на ЕК „Стрмец“, смести приватни спортски клубови и пловни објекти на свои блиски пајтши и да ги обезбеди со сидришта за нивните пловни објекти, елиминирајќи ги членовите на клубот и пловните објекти кои со години го граделе и одржувале местото како единствена локација за сидрење на едрилици во Охридскиот залив. Што е уште полошо, врајќајќи се во периодот по 1945 година,

Ноторни лаги се искажаните тврдења на директорката за медиумите во текот на вчерашниот ден. Најпрво, никогаш немало ни иницијатива, а најмалку обид да се оствари контакт од страна на директорката или јавното претпријатие или од овластени лица на Општина Охрид со претставници на ЕК „Стрмец’ Охрид, како единствен правен субјект кој го градеше и го одржува Центарот за едрење на вода. Целата постапка се води затскриено зад Одлуката бр.08-815 / 22 од 31.01.2020 година на Општина Охрид, со која на ЈП „Билјанини Извори“ му се дава на времено користење, стопанисување и одржување, недвижен имот – градежно земјиште со намена за сидрење на пловни објекти кои се наоѓаат на м.в. Студенчишта на КП.бр.5618 / 1 КО Охрид 4. Врз основа на оваа одлука, директорката го “презема” Центарот за едрење на вода со целата изградена инфраструктура во стилот „Нема никаква одлука, нити некогаш се водела било каква постапка во Собрание на Општина Охрид или надлежен државен орган за одземање на владението, рушење или дислокација на постоечкиот Центарот за едрење на вода.“ Директорката на јавното претпријатие во стилот на национализацијата, “го презема” изградениот пред повеќе од 30 години и функционален Центар за едрење на вода, насилно, заклучувајќи ги влезните врати сопственост на Центарот за водени спортови, откако ги исече постоечките катинари поставени на вратите сопственост на ЕК „Стрмец“ Охрид. Истата наведува дека ќе градела некаков спортски центар за водените спортови во Охрид.

Синхронизираните напади по медиумите на директорката заедно со одредени лица се со единствена цел да го затскријат својот план за заграбување на веќе постојниот Центар за едрење на вода.

Делот од катастарската парцела КП.5618 / 1 воКО Охрид 4, која всушност е државно земјиште – брегот на Охридско Езеро во потегот од пред хотел Милениум до Студенчишка река, на која е лоциран Центарот за едрење на вода, поточно десниот брег на Студенчишка река, на самото устие – влевањето на наведената река -канал Студенчишта во Охридското Езеро е владеено од Едриличарскиот клуб „Стрмец’ Охрид непрекинато повеќе од 40 години.

Уште пред изградбата на колекторскиот систем, во тогаш алувијалната рамнина-како што ја водеше катастарот, самиот простор, од страна на ентузијасти едриличари беше ставен во функција на спортот. Членови на Едриличарскиот клуб „Стрмец“ Охрид го створија овој спортски храм и од тогаш па до денес, непрестано го обезбедуваат целосно функционирањето и одржувањето на овај простор за доброто и користа на сите спортисти и посетители на градот Охрид и Охридското Езеро кои сакаат да се занимаваат со едрење и другите водени спортови.

Се работи за Спортско здружение – невладина организација, кое преку основната цел за кое е формирано, развој и промоција на спортот, одржува бесплатни школи за едрење за деца и возрасни, нуди стручна и секаков вид на друга помош на едриличари и сопственици на едрилици од целата држава и пошироко за да се развива овој, еколошки и елитен спорт и да се привлечат што е можно повеќе едрилици на Охридското Езеро, со тоа што повеќе од 30 години го гради, одржува и става на располагање, Центарот за едрење на вода на домашни и странски спортски екипи, спортисти и едриличари при нивниот престој во Охрид.

Воедно, во Центарот за едрење на вода се вдомени и Кајакарскиот клуб Стрмец и Центарот на Црвен крст за интервенции на вода, кои имаат свои објекти на катастарската парцела.

Пловните објекти кои се врзани за брегот – докот изграден од ЕК Стрмец на наведената катастарска парцела, се сопственост: дел од спортските клубови, а повеќето на физички и правни лица коишто се членови на Едриличарскиот клуб, а тука се и пловни објекти и приколки на Центарот на Црвен крст за интервенции на вода.

Центарот за едрење на вода е единствено место во Охридскиот залив, кое функционира како логистичка подршка за сите пловни објекти – едрилици и е единствено место каде ваквите пловни објекти можат безбедно да се закотват заради условите кои ги нуди самата локација .

За таквата цел, партерно беше уредено земјиштето, предвидено со Урбанистички план за Центар за во дени спортови. Истовремено беа изградени водоводна и електрична инсталација, осветлување, док-пристаниште за пловните објекти, бетонска рампа за спуштање и извлекување на пловни објекти, поставени кен-времени објекти и контејнери за потребите на клубовите и видео надзор за обезбедување на просторот, кои со години беа одржавани и санирани за да ја извршуваат својата функција, како би се овозможило функционирањето на погоре наведените спортски здруженија и сите други субјекти кои сепак се во функција на граѓаните и гостите на нашата општина.

Сето погоре изнесено беше правено во координација со Општината Охрид и нејзините градоначалници, кои и овозможуваа Центарот за едрење на вода непречено да опстои и дозволуваа негов непрекинат развој и раст низ годините. Ова произлегува од фактот дека никогаш немало никакви градежни инспекциски надзори, нема ни еден записник за сите прземени активности за адаптација на просторот, нити некакви активности за да се санкционира функционирањето на Центарот за едрење на вода. Во спротивно, во повеќе наврати, изминативе 40 години општинските власти и преку своите јавни претпријатија несебично ги вклучуваа своите капацитети за да помогнат во изградбата и одржувањето на Центарот за сдрење на вода.

До денес на катастарската парцела КП.5618 / 1 во КО Охрид 4, како што милуваат да кажат сите кои учествуваа во функционирањето на Центарот за едрење на вода, сите сложно, ентузијастички градевме Црква на водените спортови. Сите сме вложиле премногу крв, пот и голем дел од животот за истата да прерасне во храм на сите водени спортови на Охридското Езеро, но еве денес поединци во локалната самоуправа преку своите извршителчиња од ЈП „Билјанини Извори“ сакаат да го “преземат” Храмот на сите водени спортови на Охридското Езеро. Целта, наводно е за да се реализира наплата на сидрењето на пловни објекти кои се наоѓаат на м.в. Стуе. Стварноста е дека повиканите, подолг временски период настојуваат да го превземат Центарот за едрење. Со одлуката за сидрење, на едрилиците не им се наплаќа сидрењето на м.в.Студенчишта, а од сдруга страна ЈП Билјанини извори “го преземаат” објектот за да наплаќале сидрење. Желбата да се наметне политиката и личните апетити, да се влијае на животот на сите поединци во градов е неограничена кај неколку раководители на јавни претпријатија и останати нивни пајташи. Не дека на охриѓани не им се познати апетитите на повеќето од нив да ја зграбат катастарската парцела КП.5618 / 1 во КО Охрид 4, за реализација на различни мегаломански проекти во нивната глава, па оттука не сме изненадени од ваквите постапки на локалната самоуправа.

Борбата да се изгради јавно претпријатие кое ќе стопанисува со спортските објекти прераснува во раѓање на еден џиновски паразит кој го гуши градот и сите спортови во него. Од поставувањето рампи на јавни патишта, до преземањето на веќе изградени спортски центри од ентузијасти и спортски клубови, а се со цел да се исполнат лични интереси затскриени зад партиски интереси. Ништо од ова не му е потребно на Охрид.

Претстои борба, не го предаваме Храмот на водените спортови во Охрид. За сите незаконски преземени дејства, веќе се поднесени соодветни кривични пријави.

Претседател на ЕК Стрмец Охрид
Славчо Ропчев

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите

„Билјанини извори“ времено ќе стопанисува со земјиштето за сидрење пловни објекти кај Студенчишта