Одделението за катастар на недвижности во Охрид на 15-ти и 16-ти декември 2014 година ќе ја спроведе акцијата „Отворено со катастарот“.

-Оваа акција подразбира во точно утврдени термини посета на раководството на Агенцијата заедно со стручните тимови на сите 30 подрачни одделенија на Агенцијата и отворени врати за сите граѓани кои имаат прашања и проблеми во врска со катастарот со можност за нивно решавање веднаш на лице место, како и отворени врати за предлози, сугестии и идеи за подобрување на работата на подрачните одделенија на катастарот, информираат од Агенцијата за катастар и недвижности.

Оттаму појаснуваат дека во текот на изминатата година биле воведени многу новини во електронското работење на катастарот

-Дури 65% од аналогните катастарски планови се веќе дигитализирани, а преку електронскиот шалтер се поврзани сите нотари, сите геодетски фирми, сите општини, сите извршители, односно денес 40% од сите предмети, катастарот ги прима исклучиво по електронски пат. Агенцијата овозможи упис на цела подземна и надземна инфраструктура во електронскиот катастар и воведе други реформи, кои сакаме директно на терен да ги објасниме на граѓаните и на бизнис заедницата, потенцираат од катастарот.
 
Акцијата „Отворено со катастарот“ започнува во понеделник во Градот Скопје и ќе се реализира во сите градови каде функционираат подрачни одделенија на агенцијата.

OhridNews