Невладината организација „Отворете ги прозорците“ од Скопје освои почесна награда на четвртата церемонија на доделување на Наградата на ЕРСТЕ Фондацијата за општествена интеграција 2013. Меѓу финалистите се најде и Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака Неготино – Неготино.  


Победниците на конкурсот за Наградата на ЕРСТЕ Фондацијата за општествена интеграција 2013 се прогласени на свечена церемонија одржана на 27 јуни во Виена. Вкупно се наградени 35 организации кои се посветени на реализација на проекти на полето на интеграција на маргинализираните општествени групи во 13 земји од средна, источна и југоисточна Европа: (Австрија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словачка, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска, Црна Гора и Чешка). Вкупниот фонд на наградите изнесува 616.000 евра и ќе биде распореден меѓу сите добитници. Првата награда, во износ од 40.000 илјади евра, е доделена на организацијата „Мали луѓе“ од Романија за проектот „Не се плашам“.


 
Невладината организација Отворете ги прозорците освои 16.000 евра, како и поддршка на консултанти во односите со јавноста во текот на наредните две години, а исто така ќе стане членка на Академија на невладини организации на ЕРСТЕ Фондацијата. Во текот на наредните две години, оваа организација ќе учествува во низа едукативни програми, обуки и работилници, со цел да ги зајакнат своите капацитети, заедно со уште 136 организации финалисти на конкурсот од земјите на ЈИЕ.

Отворете ги прозорците е наградена за проектот Е-пристапно образование за лицата со посебни потреби.

Целта на проектот е да се поттикне инклузијата и активното учество на учениците со посебни образовни потреби во редовното образование преку промовирање на примената на асистивната технологија во наставата. Оваа технологија опфаќа уреди, помагала и прилагодувања на стандардната компјутерска опрема, со кои се овозможува и олеснува користењето на компјутери од страна на учениците со посебни образовни потреби.

„Наградата за општествена интеграција ја доделуваме четврти пат, со силна желба јавно да им дадеме признание на храбрите организации кои се борат за општествена интеграција на маргинализираните групи луѓе во земјите од средна, источна и југоисточна Европа. И покрај значајните постигнувања, многу невладини организации се уште имаат неизвесна иднина, особено во социјалниот сектор. Економската криза и тепкотиите во општествено-политичкиот живот, како и ограничувањата кои ги наметнува државната администрација, придонесуваат за ситуацијата во која многу учесници во цивилото општество да живеат и работат во атмосфера на постојана несигурност. Сакаме да им честитаме на невладините организации и луѓето кои што работат со нив и да настојуваме нивните резултати и нивната улога да ги направиме видливи за јавноста, бидејќи во време на транзиција на сите ни се потребни позитивни знаци на општествено ангажирање благодарение на кои веруваме дека можеме нешто да промениме и дека секој од нас може да придонесе кон тоа да направиме подобро место за живот“, рече Дораја Еберле, претседавач на Управниот одбор на ЕРСТЕ Фондацијата.  


Наградени се 35 организации (30 добитници на Наградата, 4 добитници на специјалната награда на жирито и еден добитник на наградата од страна на организациите на учесниците). Одлуката за победниците ја донесе меѓународно жири, меѓу 136 организации кои влегоа во финалето на конкурсот. Оваа година вкупно имаше пријавени скоро 2000 проекти. 

OhridNews