Училишниот двор од струшкото Основно училиште “ Браќа Миладинови” од неодамна остана без дворно место.

Просторот на кој години наназад се изведувала наставата по физичко воспитување, од пред десеттина дена го стопанисува приватна фирма и служи како паркинг простор. “ Сега животот на децата е загрозен од премногу возила и уште згора на тоа нема каде да се обавува наставата за физичко воспитување. Децата за време на големите одмори нема каде да излезат, бидејки дворното место е целосно зафатено од возила. Опасно е што автомобилите се паркираат до самиот влез на училиштето. Станува збор за деца на возраст од 2-ро до 5- то одделение и постои голема веројастност некое да биде повредено во сообраќајна незгода”, велат од Советот на родители при ОУ “ Браќа Миладинови”, кои тврдат дека просторот катастарски е во сопственост на училиштето .

Тие прашувааат: според кој закон дворното место од школото се издава и со чија согласност. Бараат да се поништи договорот за закуп и просторот на кој се одржувала  наставата по физичко воспитување и веднаш да се врати во владение на училиштето. При тоа да се огради за да немаат пристап патнички и товарни возила.


Спорниот паркинг

Своите барања Советот на родители при ОУ “ Браќа Миладинови” ги поднел до Директорот на училиштето, Премиерот на Владата на РМ, ресорниот Министер, Градоначалникот на Општина Струга, Пратениците Тахир Хани и Лилјана Затуроска, ОБСЕ и УНХЦР.

Поради неколкуте неработни денови, OhridNews не е во можност да стапи во контакт со надлежните и да го слушне и нивниот став по ова прашање. 

OhridNews