Со решение на градоначалникот Александар Петрески, од вчера за ВД директор на ОУ “Братство и единство” е назначен Муамер Доко, дологогодишен професор по математика и физика во училиштето. Доко доаѓа на местото на досегашниот директор на училиштето Осман Османи, кој функцијата директор ја вршеше два мандати.

Ова е второ од вкупно четирите основни училишта во Охрид, во кое е поради истекувањето на мандатот на директорот се назначува вршител на должноста.

Неодамна, по оставката на Оливија Пирузева- Јанева, ВД директор доби и ОУ “Христо Узунов”.

По претходно дадена согласност од градоначалникот, постапката за избор на нови директори, поради истекувањето на мандатот на оние кои во изминатите години ја вршеа оваа функција, започна  и во основните училишта  “Свети Климент Охридски” и ” Григор Прличев”.

Согласно Законот за основно образование, три месеци пред истекување на мандатот на директорите, градоначалникот на општината има обврска да даде писмена согласност до училишните одбори за да распишат конкурс за избор на нов директор. Пријавените кандидати на огласот потоа се разгледуваат и селектираат од страна на надлежната комисија во училиштето, а имињата на кандидатите кои ќе се изберат како најсоодветни за извршувањето на директорската функција потоа треба да се испратат до градоначалникот кој ќе ја донесе конечната одлука.

Постапката за избор на директори во дел од основните училишта во градот е во тек, независно што во некои од нив се поставени вршители на должност.

OhridNews