Со богата свечена приредба подготвена од страна на учениците од 5 -то до 8-мо одделение, Основното училиште „Кочо Рацин“ од Охрид го обележа својот патронен празник. На приредбата која се одржа во петокот во просториите на културниот центар во село Долно Лакочереј, освен родителите и учениците присуствуваа и голем број гости од Советот на Општина Охрид и од другите основни училишта. Во текот на свечената програма беа доделени и дипломи на учениците кои беа наградени на ликовниот и литературниот конкурс.
Во рамки на активностите за обележување на патрониот празник на училиштето, деновиве се оддржа и продажна акција на новогодишни честитки изработени од креативните раце на учениците. Обележувањето на училишниот патронат ќе продолжи и утре на 23-ти декември кога ќе се организира ,,Отворен ден на училиштето’’. Во рамки на отворениот ден ќе биде поставен ,,Саем на училишни секции”, а ќе бидат презентирани и активности од Кампањата ,,Здрава храна за детство без мана’’.
Инаку денес се навршуваат 105 години од раѓањето на Кочо Рацин кој е патрон на ова училиште. Рацин е роден во Велес на 22 декември 1908 година. Тој бил македонски книжевен деец и комунистички активист, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Го загубил животот во Лопушник, Кичевско на 13 јуни 1943 година.
OhridNews