ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ под мотото „Спортот во мојот град“ го одбележа патрониот празник со свечена приредба која се одржа вчера попладне во спортската сала „Билјанини извори“.

Беше испратена силна порака за значењето на спортот од најрана возраст за правилен психофизички развој. Директорката на установата Ирина Милеска во оваа насока истакна дека треба правилно да ги насочуваме децата и спортот да стане дел од нивните секојдневните навики. Честитајќи го патронот посочи дека градинката 59 години гордо и достоинствено го носи името на младата хероина Јасна Ристеска.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков упатувајќи честитки по повод патрониот празник со желби за уште многу успешни години, значајни јубилеи и долга низа на нови генерации.

Голема е радоста на овој прекрасен празничен ден, кога ја славиме слободата на нашиот Охрид, да бидам дел од оваа неповторлива атмосфера, исполнета со весел џагор и најубави детски насмевки, кои ни ја милуваат душата и ни ги топлат срцата. Оваа установа речиси 6 децении е најубавото царство на детството и место кое е најзаслужно за правилниот раст и развој на најмладите. Сакам да упатам посебна благодарност до воспитувачките, негувателките и целокупниот работен тим на градинката. Тие заслужуваат огромна почит и внимание за целиот свој педагошки ангажман, за несебичната грижа и воспитувањето на нашите деца. Вистинската слика за нивниот труд е оваа денешна приредба која резултат на голема креативност и посветеност, рече Пецаков.

Воспитувањето и образованието на децата, додаде, се најважните работи во едно општество и затоа Локалната самоуправа континуирано работи на подобрување на условите за најмладите.

Во тек е реализацијата на неколку проекти за обезбедување на подобри услови во сместувачките објекти на градинката, а во наредниот период ќе работиме и на важни инвстиции во насока на зголемување на капацитетот за згрижување на деца. Дечињата се нашето непроценливо богатство, највредното нешто на овој свет и нашата светла иднина. Затоа посакувам да имаат безгрижно детство исполнето со другарување и игри и секој ден да им биде поубав од претходниот! Денешната свечена програма за миг ќе не однесе во детскот свет, полн со искреност, нежност и невиност. На родителите ќе им донесе незимерна среќа, на воспитувачите голема гордост, а на сите останати вистинско уживање исполнето со надеж за поубаво утре!, додаде Пецаков.

 

Во рамки на свечената програма беа изведени бројни музички и танцувачки точки подготвени од најмладите, под менторство на воспитувачите од градинката.

OhridNews