Новата локална власт нема капацитет, ниту да проектира, ниту да реализира нови проекти и просперитет за Охрид, истакна денес на прес-конференција претседателот на ОО СДСМ Охрид Науме Јованоски. Како што рече, граѓаните сакаат да знаат каде се ветените проекти, промени и просперитет на градот.
100 дена нова локална власт воедно 101 лага и 101 празно ветување дадени на охриѓани. Граѓаните се во неверување дека поминаа повеќе од три месеци од мандатот на новиот Градоначалник, бидејќи на терен нема ниту траг од ветените проекти. Прашуваат: Каде се промените и просперитетот на градот? Каде се активностите за спорт за сите? Кога ќе започне спортскиот развој и изградбата на новите мултифункционални спортски игралишта во Велгошти, во Видобишта и уште на неколку локации? Што е направено до сега за поттикнување на здравствениот туризам како дел од туристичката понуда на Охрид? Што направи новата локална власт за квалитетно и модерно образование? За зачувување на македонскиот јазик и промоција на културно и историското наследство? За квалитетни мерки? За инвестиции и напреден технолошки развој, за буџет креиран од страна на граѓаните согласно нивните конкретни потреби ? – праша Јованоски
Додаде дека градоначалникот Кирил Пецаков ветувал борба за секое ново работно место, економски раст и развој на општеството, а лицата со посебни потреби еднакви на пазарот на трудот, но, како што кажа Јованоски, ништо не било ниту започнато со реализација.
Во овие 100 дена, ништо од ова не е започнато со реализација, а камо ли реализирано. Ветуваше поттикнување на културата на припадниците на заедниците и негување на верските обичаи. Ветуваше ефикасна администрација, воведување на нов систем каде што ќе има буквално следење на предмети од самиот влез во архива, па се до издавањето на даночното решение какво и да е. Но, граѓаните се уште се соочуваат со административни бариери, губење време и нерви, истакна Јованоски.
Претседателот на ОО СДСМ Охрид праша каде се мега проектите за Охрид ветени од страна на градоначалникот Кирил Пецаков, како решавањето на проблемот со паркингот во градот.
Каде се проектите за Охрид кои ги ветуваше Пецаков, како решавањето на паркинг проблемот преку изградбата на катна гаража за која што документацијата беше во завршна фаза уште во мандатот на градоначалникот Константин Георгиески? Реконструкцијата на плоштади, изградба на нови улици, велосипедски патеки, зголемување на зелените површини и почитувањето на препораките на УНЕСКО за зачувување на статусот. Изградбата на нов парк со содржини и проширување на зелената зона на потегот на споменикот на А. Ден Долард до каналот „Студенчишта“, асфалтирање на улици и краци во градот и приградските населби, доизградба на брегот на езерото, реконструкција на двата плоштади? – јавно праша Јованоски.
Како што заклучи Јованоски, единствениот проект кој бил започнат во овие 100 дена на новата локална власт, е реконструкцијата на улицата „Македонски просветители“, проект, како што потенцираше, кој е целосно завршен и финансиски проектиран од минатата локална власт предводена од СДСМ.
К.А.












