Изминатиот период се реализирани голем број квалитетни инфраструктурни проекти во Охрид во рамките на кои се реконструирани и асфалтирани значајни градски сообраќајници и значително се подобрени условите за безбеден и динамичен сообраќај, што е од особена важност и за жителите, но и за туристите кои го посетуваат градот, истакна на денешната прес конференција Науме Јованоски, претседател на ОО на СДСМ – Охрид.
Реконструирани се улиците “АСНОМ”, “Егејска”, „Прва Македонска ударна бригада“, „Охридска бригада“, „Марко Цепенков“ и изградена е нова улица на потегот во поранешната касарна. Веќе ја пуштивме во употреба улицата „15-ти Корпус“, а во најскоро време ќе може да се пофалиме со финализирање на сложениот инфраструктурен проект за реконструкција на улицата „Абас Емин“. Исто така, како што ви е познато, во моментот интензивно течат и активностите за реконструкција на водоводната линија и коловозот на улица „Јане Сандански“, која исто така е многу значајна сообраќајница во нашиот град. – рече Јованоски.
Работиме одговорно и домаќински, со темелен пристап и голема упорност. Остануваме посветени и продолжуваме да инвестираме во современ развој на Охрид и обезбедување на подобри услови за туристички напредок, додаде Јованоски.
OhridNews












