Со пригоден настан охридската Библиотека го одбележа Денот на македонскиот јазик – 5 Мај. Со голема радост, но и огромен долг, денеска чествуваме и се навраќаме кон еден од најсветлите денови во нашата македонска историја, рече директорот на установата Милчо Јованоски, во своето обраќање, додавајќи дека развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем.
До 10-тиот век македонскиот јазик користел различни други писма, како што е грчкото или некои сè уште недешифрирани, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста. Така, од 10 па сè до 19 век македонскиот јазик ги користел следните азбуки глаголица, кирилица, црковно-македонско писмо, илинденска азбука, истакна Јованоски.
Најбогатиот период, во поглед на развојот на стандардната македонска азбука, додаде, е периодот на преродбата, поточно од средината на 19 век до почетокот на 20 век. Во овој период голем број македонски интелектуалци вршеле реформи за поедноставување на македонската илинденска азбука и со тоа стандардизирање на македонскиот правопис.
Сите мои колеги кои нашиот убав македонски јазик го предавате и пренсувате од генерација на генерација, ја имате благородната улога за зачувување на македонскиот јазик. Чистотата на јазикот е наша највисока задача, а неговото негување сѐ уште е еден од белезите на наставниците по мајчин македонски јазик рече Јованоски.
Пред приустните гости, професори по македонски јазик од основните и средните училишта во Охрид и роднокрајни автори, членови на културолошката иницијатива „ 5 до 12 “ од Охрид читаа сопствена поезија и песни од познати македонски автори, а пејачката група и оркестарот при КУД „Ѓердан од бисери“ изведоа перформанс „Бушава азбука“, под уметничко раководство на Татјана Узуноска – Тренеска.
Одбележан Денот на македонскиот јазик – 5 Мај
Инаку, на 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик. Владата на Република Северна Македонија во 2019 година донесе одлука 5. мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик, во чест токму на ова решение.
Со решение на АСНОМ од 2 август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик е заведен како службен јазик на македонската држава.
Н.С.Ј.



















