Аплаузите долго одекнуваа по завршувањето на претставата “Хамлет“ на Драмски театар од Скопје, што синоќа  премиерно беше изведена на фестивалот Охридско лето. Новиот Хамлет на режисерот Дејан Пројковски е  модерна адаптација на безвремексиот текст на Вилијам Шекспир за човечките вредности, дилеми и внатрешни, длабоко емотивни судири.


-Сакавме да создадеме еден Хамлет кој што ќе биде Македонецот во 21 век со сите свои дилеми, стравови, со својата желба да го промени светот не како индивидуа, туку како колектив.-изјави по завршувањето на претставата режисерот Пројковски.


Тој изрази задоволство што претставата се роди во Охрид, на фестивалот  Охридско лето, како и од реакцијата на публиката во преполната сала на Центарот за култура „Григор Прличев“.

– Реакцијата на публиката исто така ме возбуди, а посебно ме радува тоа што секој после претставата си заминува со своја различна приказна, бидејќи така сметав да го поставиме Хамлет секој да одговори на дилемите сам  на себе. „Да се биде или да се биде“ можеби нема да биде одговор за сите, но пораката на претставата е тоа дека „да се биде или да се биде“ е единствен можен одговор на човекот денес во 21 век. -рече Пројковски.


Во улогата на Хамлет брилијираше актерот Дејан Лилиќ, за кого режисерот Пројкоски истакна дека по оваа претстава станале духовни браќа.

– За Хамлет прво треба да се појави Хамлет во Македонија. Не може да се бара, тој се појавува еднаш на петнаесетина години и сметам дека тоа што Дејан едноставно го носел како енергија го сподели со публиката и она што е многу важно за мене ние направивме еден многу искрен Хамлет, една интимна исповед, човечки Хамлет кој колку што се занимава со конфликтот на индивидуата со државата толку се занимава со самиот себе и со концептот за својот живот.-додаде Пројковски.


Актерот Дејан Лилиќ не ја криеше возбудата од настапот, истакнувајќи дека едноставно го родил Хамлет пред публиката.

– Претходно си го раѓав на проби, но вечерва беше тоа вистинското. Возбуден сум многу. Да се одигра ваква претстава и да се игра ваков лик и сето она што го следи текстот, затоа што многу мои животи внатре се внесени. 16 јули и Охрид 2010 ќе ги паметам.-рече Лилиќ, кој за улогата на Хамлет беше награден со овации од публиката.


Според Лилиќ, „Хамлет“ е текст кој нема  граници и кој без оглед кога се игра носи порака која не се менува.

– За жал нашето време иако 2000 или 4000 години е поминато од кога го мериме, тоа е малку време и треба уште многу време да помине за човекот да научи да биде човек.-вели Дејан Лилиќ

После Охрид претставата Хамлет ќе се игра во Стоби на фестивалот на Античка драма на 19-ти јули, а  по летниот  одмор Драмскиот тетар со претставата  ќе гостува во Колчестер Англија.


Премиерата на Хамлет на фестивалот Охридско лето предизвика голем интерес. Во публиката помеѓу вљубениците на театарот беше и претседателот Ѓорѓе Иванов со сопругата и бројни познати личности. За жал публиката , како и актерите мораа повеќе од три часа, колку што траеше претставата, да се препотува во преполната и топла сала на Центарот за култура, каде дел од присутните мораа и да стојат бидејќи иако платиле 500 денари за билет не можеа да седнат на ненумерираните седишта,  затоа што имаше повеќе луѓе од капацитетот на просторот.


Овации за безвременскиот „Хамлет“  на Пројкоски и брилијантниот Дејан Лилиќ

Г. Момироски