Се изведуваат подводните археолошки ископувања на локалитетот Врбник кој се наоѓа на западното крајбрежје на Охридското езеро на излезот на Струга, во непосредна близина на населеното место Калишта.
Врбник за прв пат е забележан во 80-те години на минатиот век од страна на локални жители кои забележале вкопани дрвени колци во езерото, а системски подводвни археолошки ископувања се водат во континуитет од 1988 година. Овогодинешните истражувања укажуваат на појава на неколку куќи
Со досегашните истражувања откриен е исклучително богат движен археолошки материјал кој го сочинуваат керамички фрагменти, цели садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови, разновидни бронзени предмети: белегзии со преклопени краеви, салталеони, двојни игли, железни сечила, јадици и др. Предметите се откриени во слој од кал чија дебелина изнесува околу 20 см и се простира по целата истражувана површина. Иако во најголем дел од керамиката е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, а период на егзистенција на оваа населба согласно археолошките наоди е 7 и 6 век пр.н.е. , информираат од НУ Археолошки музеј.
Овогодинешните истражувања се насочени кон земање примероци од колците во претходно истражени и документирани делови од населбата, во времетраење од 20 тина дена, во периодот од август до септември 2021 год. Досега се откриени преку 500 колци и документиран е простор од околу 500 м2, што е во просек околу 1/10 од целата населба.
Паралелно со подводните истражувања се вршат и подготовки за дендрохронолошки и карбон анализи, во просториите на Природно научен музеј Никола Незлобински – Струга.
Носител на проектот е НУ Археолошки музеј, во соработка со Музеј д-р Никола Незлобински Струга и Институтот за археолошки науки, Р. Швајцарија каде ќе се прават дендрохронолошките анализи.Во проектот се вклучени нуркачи од нуркачкиот клуб „Норкач“ и „Скаут“ во Струга.
ОhridNews














