Во пресрет на верската манифестација ЕОРДИЈА-ЛИТИЈА, што утре од 15 до 19 часот ќе се одржа во Струга, во чест на празникот „Св. Ѓорѓи Победоносец“, ОВР Струга информира дека презема неопходни мерки за безбедно одвивање на црковната процесија, со цел строго придржување до превентивните мерки и препораки за заштита на населението од вирусот Ковид-19.

Во периодот од 04 до 06 мај 2021 година, претставници на СВР Охрид и ОВР Струга, одржаа работни состаноци со претставници на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, на кои, им беше нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до мерките и препораките на здравствените органи и владините мерки за заштита од корона вирусот, како и на тоа дека и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица, строго да се придржуваат до одредбите за држење социјална дистанца и носење заштитни маски. – истакнуваат од полицијата.

СВР Охрид соопшти дека полицијата од црковните претставници била информирана за планираните активности пред и за време на одржувањето на Литијата, кои, како што стои во соопштението за јавност, целосно се во согласност со сетот превентивни мерки.

Црковните претставници нагласија дека Литијата ќе биде составена од локалното свештенство и монаштво. Посочија дека ќе бидат ангажирани други црковни лица и претставници на агенција за обезбедување, со цел непречено и безбедно одвивање на предвидениот верски настан. – стои во соопштението.

ОВР Струга информира дека е изготвен оперативен план согласно кој на 7 мај ќе се врши физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св.Ѓорѓи“ како и на целата траса по која ќе се движи литијата и нема да дозволи групно движење позади поворката.

ОВР Струга апелира до верниците, настанот да го следат од страна, без придружување кон поворката, со целосно почитување на препорачаните мерки за заштита од Ковид 19.

OhridNews
Фото: Архива