Јавните претпријатија се пред финансиски колапс. Енергетската криза, ценовните шокови со енергенсите и новата минимална плата дополнително ќе ја влошат нивната состојбата. На одржаната седница на Совет не поминаа Годишните извештаи за работењето на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Градски гробишта“, од минатата година.
До пред неколку месеци имавме една финансиска ситуација, сега ни се случува нова во која сите ќе треба да изнајдеме начин како сите да излеземе од оваа тешка нова финансиска ситуација од државата која се преслика и на работењето на локалната самоуправа и јавните претпријатија, рече советникот Сашо Донев.
Видливо е дека јавните претпријатија од година во година тонат, а дополнително за тоа ќе придонесе и минималната плата и новата цена на електричната енергија, истакна Донев.
Сликата од ЈП е катастрофална и ќе треба сите советници во иднина да обезбедиме нивна финансиска ликвидност. Ако ме прашувате мене по однос на зголемувањето на минималната плата, кога некој носи таков Закон треба да размисли и да се запраша дали вработените на ЈП-ја за година или две, а можеби и пократко ќе имаат основен приход на месечно ниво, истакна Донев.

Веќе се работи на проектот за „Свињишките извори“, она за што се зборувало изминативе 30 години во општината поврзано со ЈП „Водовод“. Ова ќе значи дека 50 % од потребите за вода за пиење за граѓаните ќе се реши и нема да имаме трошоци за електрична енергија, бидејќи најголемиот расход на ЈП е поради трошокот за испумпување на водата во системот на вода за пиење. Апелирам кога тој проект ќе го завршиме, ние како локалната самоуправа ќе го направиме нашиот дел, а ја повикувам опозицијата од Советот да се потрудиме заедно да обезбедиме отприлика 5 милиони евра со што ќе го решиме децениски проблемот со вода за пиење, додаде Донев.
Бидејќи со покачување на електричната енергија, за неколку години ќе бидеме доведени во ситуација кога од нас советниците Регулаторна комисија ќе побара да ја покачиме цената на водата за пиење и цената за канализацијата, а граѓаните ќе не обвинуваат нас и со право, бидејќи ние таа Одлука ќе треба да ја донесеме на Совет. Регулаторната комисија ја формира цената по основ на вкупни приходи и расходи. Со ова покачување на електричната енергија сметките за струја за две години ќе бидат 100% покачени и граѓаните повторно ќе плаќаат најскапа вода за пиење, рече Донев.
Советничката Живка Ангелоска рече дека неспорно е дека ЈП-ја имаат финансиски проблеми, но треба да се работи на детектирање на тие проблеми, да се види што може да се направи.
Овде имаме проблеми кои треба да бидат детектирани и да се работи на тие проблеми. Ако ние сакаме нешто да направиме треба да имаме конкретни предлози. Доколку имаме сомнение дека некој направил некој криминал си има институции кои треба да го утврдат. Дивите потрошувачи на вода се голем проблем. Превработеноста е проблем исто така, бидејќи ако голем дел од средствата одат за плати, неможеме да очекуваме напредок. Сите ЈП-ја треба да изготват програми во однос на ситуцијата во која се наоѓаат за редуцурање доколку постои секако таква можност на непотребните трошоци, подобра искористеност на работната сила. Ако сакаме нешто да постигнеме да одиме со конкретни мерки, истакна Ангелоска.
Н.С.Ј.













