Вчерашната ковид-статистика покажа пад на бројот на новозаразени за три до четири процентни поени. Ако претходните денови бројот на нови случаи од вкупниот број на тестирани се движеше околу девет и 10, вчера тој процент беше 6,5. Од направени 1726 тестирања, вчера беа регистрирани 112 позитивни на коронавирусот или 6,49 отсто. Во претходното деноноќие беа регистрирани и 12 починати и оздравени 419.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави можно олабавување на мерките ако граѓаните и угостителските објекти ги почитуваат протоколите. Тој рече дека очекува олабавување на рестриктивните мерки во претстојниот, зимски период, доколку граѓаните и угостителските објекти ги почитуваат протоколите.
Ако сите ги почитуваме мерките, бројките ќе паднат и ќе има можност за олабавување. Убеден сум дека ќе има олеснувања во зимскиот период ако вака се почитуваат мерките како сега, и од страна на угостителските објекти и од страна на граѓаните, но не можам да кажам дали ќе се укинат, истакна Бектеши.
Моноклонална „коктел терапија“ со антитела, кај нас досега ја примиле 20 заболени од Ковид-19 со коморбидитети и хронични болести.
Моноклонална „коктел терапија“ со антитела се дава кај пациенти кои имаат повеќе коморбидитети и хронични болести, во претходна консултација со специјалистите и супспецијалистите кои ги третирале пациентите од почеток на појавата на инфекцијата со Ковид-19. Вкупно се набавени 1200 дози од лекот, а досега се искористени околу 20-тина дози, истакнуваат од Министерството за здравство.
Станува збор за најсовремен метод на терапија за пациенти заболени од Ковид-19. Терапијата е коктел од две моноклонални антитела и се дизајнирани специјално за да ја блокираат инфективноста од САРС-КоВ-2 вирусот што го предизвикува заболувањето со Ковид-19.
Во борбата против Ковид-19, од вчера кај нас достапна е трета доза вакцина за здравствените работници, граѓаните над 60 години и лицата кои имаат имунокомпромитирана здравствена состојба, а кај кои има поминато шест месеци од примената ревакцина.
Инаку, според епидемиолошки анализи во моментов има 12.017 активни случаи од кои, во Скопје се 5629, Куманово – 941, Тетово – 932, Охрид – 515, Гостивар – 482, Кичево – 408, Струга – 365, Велес – 318, Струмица – 304, Прилеп – 294, Битола – 277, Штип – 227, Кавадарци – 211. Дојран и натаму со по еден активен случај.
OhridNews













