Палестинците собраа илјадници автомобилски гуми со цел да ги запалат во петок на границата на појасот Газа и Израел, како продолжение на масовните протести за правото на враќање на палестинските бегалци и против израелските блокади. Израел најави дека војниците ќе продолжат да пукаат на секој демонстрант кој ќе се приближи на граничната ограда, додека едно официјално израелско лице ја повика Светската здравствена организација да спречи „еколошка катастрофа“, која би настанала при обидот на Палестинците со густ чад од запалените гуми да ги оневозможат војниците да ги видат демонстрантите.

Палестинските момчиња ги собираа гумите долж појасот Газа во последните неколку дена и ги носеа во пограничното подрачје, прогласувајќи го денот кога ќе бидат запалени како „Петок на старите гуми“. Својот план тие го објавија на социјалните мрежи, апелирајќи до учесниците на настанот да не облекуваат впечатлива гардероба и да ги покријат лицата, бидејќи израелските дронови ќе ги снимаат со цел да ги идентификуваат.