Дарко Панчев не верува дека репрезентацијата на Македонија, во квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство има некои посериозни шанси да се вмеша во борбата за првите две места на табелата.

Панчев во интервју за порталот „Спортал.рс“, ја искоментира квалификациската група во која покрај Македонија се наоѓаат Хрватска, Србија, Белгија, Шкотска и Велс.

„За жал, Македонија, објективно нема големи шанси да се пласира на СП. Тоа е нашата реалност, но не значи дека Македонија не може некого да изненади. Според мене три репрезентации ќе се борат за пат во Бразил. Тоа се Србија, Хрватска и Белгија. Ќе навивам редоследот да биде ваков“, вели Панчев, дополнувајќи дека предноста на Хрватска во однос на Србија е таа што Хрватите во последните 14 години пропуштиле само едно големо натпреварувње.

Во интервјуто популарниот „Кобра“ се осврна и на случувањата во Црвена звезда, вели дека поставувањето за тренер на неговиот поранешен соиграч, од „златната генерација“ на Црвена звезда, Роберт Просинечки, е најдобриот потег кој го направил претседателот Владан Лукиќ.

„Му го кажав тоа на Лукиќ, сега треба уште да му донесе добри фудбалери. Што работи тој „Гаспром“, нека испушти од некоја славина милиони за да биде Звезда повторно голема. Гледам дека донеле добри млади фудбалери, треба само малку трпение, ќе биде тоа добар тим.“

Панчев направи споредба помеѓу националните шампионати на Србија и Македонија и според него српската лига е посилна од Македонската.

„Па вашата лига е многу посилна од македонското првенство, има тука сериозни клубови, не се интересни само Звезда и Партизан. Верувам дека „црно-белите“ ќе ја одбранат титулата, бидејќи бодовната разлика е голема, а што се однесува до мојата Звезда, убеден сум дека ќе го освои трофејот во купот.“

На крајот, играчот кој со своите голови се прослави во Вардар и Црвена звезда, изрази надеж дека неговиот поранеше соиграч, Синиша Михајловиќ, ќе направи голема тренерска кариера и откри дека најголемата грешка ја направил кога потпишал за Интер, а ги одбил Реал, Барселона и Манчестер.

Дарко Панчев , покрај Јосип Скоблар е единствениот фудбалер од просторите на поранешна Југославија, кој успеал да ја освои „златната копачка“ како најдобра стрелец во Европа.

“макфакс“
Ohridnews