Глобалната пандемија се очекува да прерасне во твиндемија – паралелно зголемување на бројот на заболени од грип и Ковид-19, што наложува сериозен и одговорен пристап на сите чинители. Ова, меѓу другото, е истакнато на предавањето на тема “Ковид 19 – предизвици, подготовка за евентуален нов бран, досегашни искуства и лекување“, што вчеравечер се одржа во претседателската вила на Водно во Скопје, на кој присуствуваа студенти по медицина.
На настанот свои излагања имаа министерот за здравство Венко Филипче; Џихан Тавила, шефица на Светската здравствена организација во Скопје; Кристина Ставридис од Институтот за јавно здравје и директорката на Универзитетската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ.
Обраќајќи се пред присутните студенти од Медицинскиот факултет во Скопје, сопругата на претседателот икако проблем го истакна стигматизирањето на болните, што приденосевуа болните да го кријат идентитетот на контактите.
Апелирам на почитување на сите мерки, апсолутно, но секој што е инфициран, секој што е болен – не сака да биде болен. Сметам дека и стигматизирањето води кон тоа луѓето да ги кријат контактите и на таков начин невозможно е да се добие вистинската епидемиолошка слика. – рече сопругата на претседателот, Ѓоргиевска.

Еден сериозно голем сегмент во унапредувањето и зајакнувањето на здравствениот систем е комуникацијата, и ова што сега го правиме. Во изминатиов период бевме отворени и транспарентни за комуникација, студентите и особено специјализантите беа практично присутни во министерството и даваа сугестии, бидејќи нема поента од наметнато решение. Не можеш да најдеш решение коешто ќе биде добро само за државата, без да биде добро за оние на кои тоа решение се однесува. – истакна министерот.

Она што е важно е сеопфатната стратегија и конзистентната комуникација – информираноста на населението. Мора да се бориме против лажните вести и дезинформациите, а во најдобра позиција тоа да го сторат се здравствените работници. – рече Тавила.
Д-р Кристина Ставридис ја прикажа најновата епидемиолошка состојба, додека Ас. д-р Милена Стевановиќ зборуваше за најновите методи за третман кои се применуваат во лечењето на пациентите со Ковид-19.
Настанот се одржува во рамки на иницијативата започната во февруари во Канцеларијата на претседателот МладиХаб. Главната цел на оваа активност е студентите и младите лекари да се запознаат повеќе со пандемијата со Ковид-19, предизвиците со кои се соочуваме, подготовките за евентуален нов бран, како и со досегашните искуства на превенција и лекување, од страна на компетентни лица, информираат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
OhridNews












