Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев ќе биде еден од стартерите во тимот од Неапол, најавува тренерот Валтер Мацари. Пандев се очекува да го замени Лавеци кој трансферираше во тимот на ПСЖ. Лани тој постигна шест гола а Наполи стигна до трофејот во Копа Италија, што за Пандев беше четврти последователен трофеј во ова натпреварување.

Пандев поседува неоспорен квалитет и јас имам големи очекувања од него во претстојната сезона. Тој ќе биде во почетната постава заедно со Кавани и со Хамшик и јас сум убеден дека ако ја достигне оптималната форма, тој може да биде важен играч за нас – тврди Мацари.

Лавеци беше исклучително важен играч за Наполи, но непристојната понуда од ПСЖ ги натера челниците да го продадат.

Минатата сезона Пандев се приспособи на екипата и забележавме колку тој беше ефективен – објаснува Мацари.

Искусниот стратег најави и дека Наполи ќе настапува во формација 3-5-1-1, со која очекува клубот да биде еднакво компетитивен како и минатите сезони.

Наполи сезонава покрај одбрната во Копа италија и мечевите од Серија А, го очекува настап во Лига Европа.

Ohridnews