Капитенот на македонската А репрезентацијата, Горан Пандев имаше свое излегување на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Пандев во обраќањето зборуваше за средбата со екс селекторот Мирсад Јонуз и членот на УО, Серафим Димовски.
Јонуз кој Македонија ја водеше од 2009 до 2011 година и Димовски го убедувале Пандев да не се врати во репрезентацијата на Македонија.
– Нема што да кријам, таа е вистината. Во Џенова ме посетија членот на Управен одбор на ФФМ, Серафим Димовски и поранешниот македонски селектор Мирсад Јонуз. Сакаа да разговараат со мене за македонскиот фудбал. Нормално, јас немам против никој да дојде тука, посебно кога се работи за фудбалски лица. Напротив. Но, бев изненаден околу темите за кои разговараа. Побараа од мене да не играм за македонската репрезентација. Побараа да не доаѓам на пријателските дуели со Словенија и со Бугарија, затоа што сега не бил моментот, а да почекам кога ќе дојде момент за тоа… Не можев да верувам што слушам. Бев навистина изненаден и збунет, затоа што такво нешто ниту некогаш сум доживеал ниту претпоставував дека може да се случи… За мене тоа е катастрофа, кога луѓе кои треба всушност да се грижат за иднината на мак-фудбалот дејствуваат на тој начин. – рече Пандев пред Управниот одбор на ФФМ, пренесува „Екипа.мк“.
Пандев, наспроти барањата на двоецот Јонуз – Димовски се врати во А селекцијата и запиша веќе два настапи.
OhridNews