По информациите објавени во печатот за наводно откажување на Горан Пандев од националниот тим , нашиот интернационалец од Интер го информираше претседателот на ФФМ Хари Хаџи-Ристески и Стручниот штаб на националниот тим дека останува и натаму дел од нашата најдобра селекција и по заздравувањето од повредата ќе се стави на располагање на селекторот Мирсад Јонуз. Во продолжение го пренесуваме неговиот став кон националниот тим:

– Точно е дека разговарав со новинарите, но единствено на тема односот на дел од фановите на македонската фудбалска репрезентација и нивниот навредлив однос кон фудбалерите и кон мене во моментите кога националниот тим пројавува криза во играта. И тука барам и ќе барам нешто да се смени бидејќи репрезентативниот дрес е светост и за мене а верувам и за моите колеги и секогаш со гордост настапувам за Македонија . Репрезентацијата затоа мора да биде почитувана и од навивачите. Од настапите во репрезентацијата ќе се откажам само кога кариерата ќе ми биде во залез или пак под притисок на повредите.

– Барам трпеливост и разбирање бидејќи во овој квалификациски циклус сите ние заедно , фудбалерите , стручниот штаб, раководството на ФФМ влеговме со големи амбиции кои тврдам дека беа реални а тоа е да го поправиме пласманот во однос на претходните квалификациски циклуси и воедно да ги нападнеме првите две места во групата. Морам да кажам дека атмосферата во националниот тим беше и е извонредна. Навистина имаме извонредни услови за подготовки, репрезентативно сместување, професионален однос од генералниот секретаријат и федерацијата во целост. Задоволен сум и од работата на стручниот штаб и токму затоа ние репрезентативците на состанокот на Малта одлучивме да се откажеме од премиите за победи , туку се договоривме да биде валоризиран само вистинскиот успех, односно освојување на едно од првите две места што федерацијата го прифати.

– Мислам дека трагичниот пораз во Братислава остави траги врз сите нас и не поремети пред се на психолошки план и тоа се почувствува на средбата со Ерменија.

– Јас, Горан Пандев и незалечен од повредите сум настапувал за националниот тим бидејќи моја најголема желба ми е оваа генерација фудбалери да заигра на едно големо натпреварување како што е следното Европско првенство.

“Извор ФФМ“
Ohridnews