Македонската фудбалска репрезентација в сабота во Даблин против Република Ирска го игра можеби најзначајниот натпревар  од квалификациите за пласман на Еуро 2012. Репрезентацијата втор ден се подготвува во базата во Охрид, каде се крои тактиката и се анализира играта на противникот.

–    Изминативе денови ги анилизиравме Ирците,  во фаза на одбрана  играат  4-4-2 а во фаза на напад брзо се трансформираат во 4-2-4. Со таков начин на игра не очекува голема борба на теренот, ќе треба повеќе да ја чуваме топката во наш посед и сите фудбалери да одговорат максимално на своите задачи. Играчите кои ќе истрчаат на теренот ќе имаат своја тактичка задача, а посебно Пандев кој ќе добие задача каква што досега немал во репрезентативниот дрес. Во средината тие ќе играат со двајца, а ние ќе  се спротиставиме со тројца играчи. Нивните напаѓачи Кин и Дојл се враќаат назад и треба да внимателни на нив. Не смееме да дозволиме Ирците да наметнат своја игра, а со малку среќа, која ни фали, на крај може и да се радуваме  – изјави на прес конференцијата во Охрид, селекторот на македонската репрезентација Мирсад Јонуз.


Капитенот на “црвено-жолтите“, Горан Пандев е “фит“ за натпреварот со Ирска и ја респектира  селекецијата предводена од италијанецот Џовани Трапатони.

Ирска е квалитетна репрезентација играат цврст фудбал, физички се многу добро подготвени. Ние на овој натпревар нема што да изгубиме ќе одиме да ја играме нашата игра и на крајот да се радуваме на триумфот. За да го совладаме противникот неминовно е да постигниме погодок,  со офанзивна тактика и залагање во играта во фаза на нападот можеме да ја оствариме зацртаната цел, затоа што со пораз најверојатно надежите за поголем успех во овие квалификации паѓаат во вода  – потенцира Горан Пандев.


Квалитетот на ирската репрезентација одлично го познава и интернационалецот Горан Попов, кој поради клупските обврски во Лига Европа и украинското првенство, подоцна од другите фудбалери и се приклучи на репрезентацијата.

–    Негуваат игра на скок, дијагонали, а тоа нас ни одговара затоа што имаме корпулентна одбрана.  Тактиката им е препознатлива, ако ние дадеме максимум и одиграме тактички како што треба шансата за успех е голема – истакна Горан Попов.

Мх.П.