Со голот против Црна Гора, Горан Пандев на шести пријателски натпревар по ред постигна барем еден гол за Македонија. Серијата ја почна на 11 февруари лани, со гол за реми со Молдавија (1-1), во Турција. Потоа следуваа два погодока против Шпанија (2-3), во Скопје, па уште два против Катар (2-1), на истиот терен, па нови два во дуелот со Канада (3-0) во Струмица. По едно тресење мрежа се случи на гостувањето кај Иран (1-1) и дома со Црна Гора (2-1).


Мислам дека е редно време да одиме на резултати, а не да играме добро
со квалитетни репрезентации, па потоа да кикснеме со некоја мала
репрезентација. Треба да го смениме веќе еднаш овој македонски
менталитет. Сите натпревари се важни, три бодови се и со Андора, три
бодови се и со Русија. Ако ова го смениме, ако имаме верба во себе,
можеме во оваа група да го кажеме нашиот збор
– рече Пандев.

Вкупно девет гола на шест пријателски меча за 12 месеци, во кои Македонија оствари три победи, две ремија и еден пораз. Пандев досега постигна вкупно 23 гола за Македонија.