Во издавачката програма на „Струшките вечери на поезијата“ од печат излезе панорамата на македонската винска поезија „Дионис и Свети Трифун“ која ја приреди Славе Ѓорѓо Димоски и на фестивалот имаше тривечерна промоција, а беше промовирана и во винаријата „Тиквеш“.

Првичната замисла на авторот била да направи антологија на македонската боемска поезија, по примерот на повеќе европски култури. Но, по неколкумесечното истражување на македонската лирика дошол до заклучок дека нема „класична“ боемска поезија во македонската лирика која ги содржи основните одлики на боемството: формите на слободен, неконвеционален, неуреден кафеански живот, карактеристичен најмногу за уметниците, но има многу песни посветени на лозите, на виното, на ритуалот на здравицата итн. Виното како врховник над сите видови алкохоли во оваа панорама го зазема централното место. Во духот на македонската традиција и македонското поднебје, кое е висококвалитетно тло за одгледување винова лоза и производство на квалитетни вина, поетите, повеќето од постарите генерации се свртени кон темите: лоза, лозје, вино и полека се свртуваат кон мотивот на сладоста на волшебната течност и кон романтичните претстави за крчмите, опивањата, бескрајните ноќи и неизбежните мамурлаци.
Овие мотиви се покарактеристични за поетите од втората и третата генерација и тука можеби ги има највисоките лирски изблици и дострели на тема боемија. Раскошот на оваа тема е растурен низ страниците на новата книга „Дионис и Свети Трифун која ја приреди Славе Ѓорѓо Димоски.
OhridNews











