Години наназад го повторуваме она што треба да сите да го знаеме наизуст. А тоа е фактот дека нема економски, социјален , еколошки па и политички напредок без активна грижа за животната средина . Екологијата  (подразбирам животната средина) е најсилниот економски инструмент кој треба да се  искористи за привлекување на зелени инвестиции . Екологијата е најсилниот инструмент за активирање  на населението во зелената економија и подобрување на социјалниот статус. Екологијата е најсилниот инструмент за промовирање на политички односи на држави кои ги делат природните ресурси.  Сеуште ни тежат други приоритети, но ова еднаш ќе стане вистина и пракса, потенцира Дејан Паноски од Билатералниот Секретаријат за Охридското езеро, обраќајќи се по повод 5- ти јуни, Денот на екологијата.
 
Охрид како град кој почива на темелите на  културата и на животната средина треба да биде фокус и промотор на борбата за нејзина заштита. Езерото е во стабилна еколошка состојба како резултат на разни,пред се меѓународни активности, но ризиците и притисоците ги има многу. Предизвик на Охрид треба да биде промената на пристапот кон градот и крајбрежието , Охрид  да стане симбол и корисник од развојот на зелената економија најмногу преку туризмот и промоцијата на природните вредности. Имаме вредност која не знаеме да ја валоризираме, најмногу поради  заробеноста  во некои застарени модули и самоепитети. Затоа мораме што поскоро да ги фатиме новите текови и од нив да извлечеме вредности кои ќе ни донесат и развој на градот и напредок на секој во него.  Попусти ќе ни бидат сите желби, амбиции,идеи,визии,надежи ако го снема она од кое црпиме се што имаме, вели Паноски.


Тој нагласува дека екологијата, меѓу другото,  треба да се прифати како дел од културата ,наследството, дел од спортот,движењето, здравјето и дел од развојот. – Иако сеуште цел на потсмев ,екологистите како глобално движење се оние кои на крајот ќе бидат победници ,за своите градови  ,за својата држава и за светот воопшто, додава Паноски.

OhridNews