Советникот Дејан Пановски бара од јавните претпријатија во Охрид да ги намалат цените на своите услуги, како резултат на намалувањето на цената на нафтата и бензините.

– Јавните претпријатија во Охрид пред извесно време извршија зголемување на цените на услугите, поврзувајќи го тоа со цената на нафтата и бензините на пазарот. Со оглед на тоа дека малопродажната цена на истите веќе неколкупати е намалена , како советник повикувам раководствата на Јавните претпријатија во Охрид по истиот механизам да извршат намалување на цената на услугите, вели Пановски.

Како што тој потенцира , ЈП „Комуналец“ и ЈП „Нискоградба“ треба да извршат враќање на висината на цените на услугите како што биле пред зголемувањето, а ЈП „Градски Гробишта“ да изврши корекција на цената за таканаречената гробарина и истата да ја намали на максимум 200 денари годишно.

Пановски смета дека со овие мерки Јавните претпријатија во Охрид ќе покажат барем минимум одговорност пред граѓаните на Охрид.

– Недостигот на квалитет и капацитети во менаџментот со Јавните претпријатија кои се креатори на негативни процеси во Охрид  мора да се надмине затоа што граѓаните не добиваат квалитетни услуги. Едно од можните решенија за подигање на квалитетот на услугите веројатно би го барале во воведување на конкурентност во давањето на услугите што би обезбедило и рентабилност и вработувања, нагласува советникот Пановски.”

OhridNews