Најголем број излагања на седниците на Советот на општина Охрид, во периодот од јануари до јуни, имал советникот Дејан Паноски – 27, Томислав Тунтев  20, Јоне Станковски 19, Борис Стефаноски 15 и Величе Маркоски  7 излагања. Во анализираниот период не е евидентирано ниту едно излагање од страна на советниците: Александар Попоски и Љубица Смилевска Мојсоска.

Во текот на оддржаните седници во периодот јануари- јуни, поднесени биле вкупно три иницијативи и тоа од страна на советниците Верица Хајба, Ахмет Пател и Дејан Паноски, додека до Градоначалникот поставени биле само шест прашања и тоа од  Дејан Паноски три и по едно прашање од советниците Величе Маркоски, Јованка Дамоска- Секулоска и Љубен Буџакоски.


Ова се добиените резултати од проектот ,,Власта одблиску,, кој Младински Совет Охрид, преку Младинскиот Парламент го реализирал во периодот од јануари до јуни годинава.

Целта на овој проект е да се даде придонес кон зголемено граѓанско учество во процесот на креирање политики и донесување одлуки на локално ниво и подобрување на отчетноста, отвореноста и транспарентноста на локалната самоуправа, истакна на денешната прес- конференција Александра Јаневска од МСО.


Таа потенцира дека податоците се земени од официјалните Записници од седниците на Советот, добиени по предходно доставено барање, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Со анализата биле опфатени одржаните 29-та, 30-та, 31-ва, 32-ра, 33-та и 34-та седница, на кои на дневен ред биле поставени вкупно 106 точки, вклучувајќи ги и разгледувања на записниците од претходните седници. Воочено било дека донесени се вкупно 120 одлуки, а во предвид биле земени  одлуките за усвоени дневни редови, усвоени записници за минати седници, како и одлуки за измена и дополнување на точки од дневен ред. 35-та седница била изземена од оваа анализа поради нејзин прекин, односно поради тоа што истата не е завршена до крајот на месец јуни. Како што информираат од МСО, анализата од оваа седница ќе биде содржана во следниот извештај.


За жал од добиените записници, односно од начинот на кој се водени истите, не можевме да направиме комплетни анализи, согласно поставените параметри, па така немаме податоци за тоа кој советник на колку седници присуствувал, односно отсуствувал, дали отсуството е оправадно или неоправдано. Нема детален опис на дискусиите, репликите и контра репликите и процедуралните излагања, нема евиденција за тоа кој гласал, а кој не гласал од присутните, а нема евиденција и за бројот на присутни непосредно пред секое гласање и како тие гласале. Според записниците, не се води евиденција и дали некој  од советниците кои присуствувале на почетокот подоцна ја напуштиле седницата, од оправдани или неопрвадани причини, вели претседателот на МСО, Димче Каневче.  

Тој потенцира дека презентираните податоци не претендираат да покажат кои се недостатоците во работата на советниците, туку напротив, колку тие се успешни да одговорат на потребите на граѓаните, односно да се поттикнат во наредниот период да покажат подобри резултати.

OhridNews