Охриѓанецот Дејан Пановски е еден од експертите кои членуваат во Бордот на новоформираниот институт „Павел Шатев“, поддржан од ВМРО ДПМНЕ. Според него членувањето во организацијата не е неикаква функција туку престиж.

– Институтот Павел Шатев , е самостојна организација поддржана од партијата ВМРО ДПМНЕ со цел профилирање на кадри со десна , конзервативна профилација и со цел вршење истражувања , анализи и препораки по важни политички и други прашања во земјата. Моето учеството во Бордот на Институтот не е никаква функција туку се работи за престижна пред се експертска активност и секако за момент на јасна политичка поддршка и доверба од партијата. Директоратот за животна средина што јас ќе го водам , ќе ја има задачата да обедини квалитетни кадри од струката кои во голем дел веќе се идентификувани и кои ќе работат на трибини и извештаи за рано предупредување на теми кои имаат економско значење како што се алтернативните видови туризам , адаптирање кон климатските промени и слично. Тоа се теми на  личен мој предизвик и предизвик за тимот, вели Дејан Пановски.
 
Пановски правејќи политичка анализа на настаните на политичката сцена во Охрид ја оспорува рејтинг анализата на неделникот „Форум“ според која Петрески е меѓу најсигурните градоначалници кои ќе доживеат реизбор на претстојните избори.

– Ако правиме реална анализа на политичката сцена во Охрид во контекст на локалните избори , во овој момент актуелниот градоначалник на Охрид , го живее својот меден месец затоа што сеуште е сам на сцената и нема познат противкандидат. Но, и во ваква убава ситуација, каде е сам, тој не успева ни приближно да собере 50 проценти поддршка од граѓаните и е веднаш до најслабо рангираниот градоначалник во државата и е премногу далеку од втор мандат.  Тоа реално гледано значи дека граѓаните на Охрид во најголем дел веројатно не се идентификуваат со начинот на четригодишното владеење и чувствуваат празнина во развојот и во духот на градот. И тоа е една сосема сосема јасна политичка порака. Но ,медениот месец набргу ќе заврши , ќе се појави друго лице и доколку тоа е противкандидат со навистина добра визија и со срце кое бие за градот а не за себе , тогаш речиси сигурно како и по секој завршен меден месец следува пакување на коферите, смета Пановски

Кој е противкандидатот на Петрески, Пановски не открива, но вели дека таа се разгледува од партиските тела.

– Кандидатурата за градоначалник се доделува во строга партиска процедура во која се согледуваат низа на сегменти . Такви завршни проценки се прават сега и во ВМРО ДПМНЕ и ова е сега најсензитивното време на носење на финална одлука. Лично , постои капацитет , добар тим и искрена визија за Охрид, но партијата во тој поглед си има своја политика и проценка  врз основа на која и ќе одлучи . Според досегашните анализи партијата  разгледува неколку фаворити  за кандидат за градоначалник на Охрид, завршува Пановски.

Ohridnews