Пар лебеди кој бил вгнезден на крајбрежјето на Охридското Езеро, во непосредна близина на „Центарот за кардиоваскуларни заболувања“ во охридската населба „Свети Стефан“, годинава ќе остане без свој подмладок, бидејќи непознати сторители им ги уништиле положените јајца.
Рекреативец од Охрид, кој редовно пешачи во овој дел од езерскиот брег вели дека во лебедовото гнездо, пред само неколку дена имало четири положени јајца, но сега останало само едно јајце.
-Утрово кога поминував по патеката забележав едно искршено лебедово јајце, не знам дали некој го фирлил на патот или ненамерно му паднало. Мислам дека не може да биде некоја птица грабливка бидејќи доколку таа го испуштела јајцето подоцна ќе се вратела и ќе ги соберела остатоците. Сепак мислам дека се работи за човечки фактор кој не знам од кои причини ги однел јајцата, ни изјави вчера охриѓанецот кој сакаше да остане анониомен.
Тој се сомнева дека парот лебеди кој речиси постојано бил во близина на гнездото е исплашен и дека можеби нема да се врати назад.
-Лебедите сега ги нема, можеби ќе се вратат, а можеби и не. Ако се вратат би требало да го дочуваат последното јајце, ако во меѓувреме не им го земе некој, вели нашиот соговорник. Тој упати апел до еколошките друштва и до останатите надлежни институции, во иднина да преземат мерки за заштита на лебедовите гнезда.
Хидробиолозите со години информираат дека се намалува бројот на лебедови парови кои се вгнездуваат од македонската страна на Охридското Езеро. Според нив бројот на лебеди што сега го имаме на крајбрежјето во Охрид е многу помал во споредба со периодот од 1993 до 1998 година. Деновиве на брегот во Охрид може да се забележи само еден лебедов пар со шест мали младенчиња, кои најверојатно е вгнезден во близина на каналот „Студенчишта“.
Инаку пред околу две години Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при општина Охрид и Македонското лимнолошко друштво го реализираа проектот „Регистрирање на гнездата на лебедите и нивна заштита во Охридското Езеро со цел одржување на биодиверзитетот“. Во рамки на проектот беше извршено маркирање на црвеноклунестите лебеди со прстенување. Во склоп на проектот беа изработени и промотивни флаери, беа поставени информативни табли и беа организирани јавни трибини за подигање на јавната свест за заштита на лебедите.
Според научните написи, црвеноклуниот лебед се размножува еднаш годишно, се гнезди од април до мај, во гнездо изградено од трски и пердуви сместени на тешко пристапни места и во појас на трска, во близина на брегот или на самиот брег.
Е.М