Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов информираше за продолжувањето на Програмата за условен паричен надоместок за средно образование.

– И оваа година почнувајќи од овој месец продолжуваме да ја реализираме Програмата за условен паричен надоместок за учениците од средно образование од семејства приматели на социјална парична помош”, рече министерот Спасов.

Оваа програма има за цел да обезбеди дополнителна помош и стимулација за учениците и семејствата приматели на социјална помош и за нејзина реализација за 2014/2015 година се предвидени 108.000.000 денари.

– На секој корисник годишно ќе му се исплаќа  по 12.000 денари, а исплатата се врши во четири еднакви износи од по 3.000 денари на примателот на надоместокот во текот на една година. Овој износ останува непроменет и за оваа учебна 2014/2015 година, при што очекуваме дека годинава 9.000 ученици ќе го остварат ова право. Исплатата на средствата за Програмата за условен паричен надоместок за образование, ќе се врши на ист начин како и исплатата на правото на социјална парична помош”, информираше министерот Спасов, притоа потсетувајќи дека оваа Програма успешно се реализира од почетокот на учебната 2010/2011 година, односно ова е веќе петта година по ред како се применува.

Исплатата на условениот паричен надоместок ќе се врши на мајката на корисникот, а доколку на мајката од оправдани причини не може да и се исплати надоместокот, исплатата ќе се врши на носителот на правото на социјална парична помош, определен од страна на центарот за социјална работа.

Примателот на надоместокот може да поднесе барање за остварување на условен паричен надоместок за средно образование, почнувајќи од  овој месец, а најдоцна до 31 март 2015 година во меснонадлежните центри за социјална работа заедно со потврда за редовен ученик од училиштето. Барање за остварување на ова право, задолжително се поднесува секоја година, и дека решението за остварување важи една година.

Министерот Спасов ги повика  родителите корисници на социјална парична помош кои имаат дете средношколец, најдоцна до 30 септември да поднесат барање до меснонадлежниот Центар за социјална работа за користење на правото на условен паричен надоместок.

OhridNews