Последните денови од летниот распуст во охридските училишта се искористија за подготовка на објектите и дворовите каде утре ќе бидат дочекани првачињата и повозрасните ученици.

Во дворот и паркот на ОУ „Григор Прличев“ засадени се нови садници цвеќе, поставени се нови клупи и столчиња, изграден е и забавен парк во кој со одобрение од локалната самоуправа  поставени се забавните реквизити кои до неодамна се наоѓаа кај охридската гимназија.

Неколку стари дрва од училишниот парк беа исечени од кои вработените изработија клупи  за седење и масички. Како што беше најавено уште во месец  јуни, во план е наскоро да биде подготвена и училница во природа, која ќе се наоѓа во паркот позади училишната зграда.

Последните подготовки пред првиот школски час завршија и во останатите охридски училишта каде се  уредуваа дворовите, кабинетите за настава и се санираа објектите, се со цел новата учебна година непречено да започне.

OhridNews