ЈП „Билјанини извори“ паркинзите во иднина ќе ги стопанисува партнерски со приватна фирма. Идејата за која подолг период се шпекулираше во јавноста треба да биде официјализирана на 22 седница на Советот на општина Охрид, што ќе се одржи на 1 Април. На денот на шегата советниците треба да се изјаснат по предлог Одлуката за давање согласност на одлуката на Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори“-Охрид за усвојување на Физибилити студија, како и по предлог Одлука за давање согласност на Одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за имплементација на електронски систем за организирање и наплата за паркирање на јавните паркинг простори.

На ова реагираше ВМРО – Народна партија, која се спротиставува на најавата за преземање на паркинзите во Охрид со јавно – приватно партнерство.

-Сакаме да потсетиме дека ВМРО – ДПМНЕ со секојдневни прес – конференции ја обвинуваше претходната локална самоуправа за истата работа и тоа беше главната точка со која ги доби изборите во Охрид. Дали сега од партијата газат по своите зборови и дали нивниот став е ист?Ја прашуваме Локалната самоуправа и ЈП Билјанини Извори дали со овој нов систем со кој ја манипулираат јавноста околу некаква исплатливост ќе се отпуштат работниците кои сега работата на паркинзите? Дали нивниот работен однос ќе престане во истиот момент?-прашува ВМРО НП.

Локалната самоуправа, преку соопштение ги отфрли обвинувањата на ВМРО НП.

-Почитувани од ВМРО НП, за момент веројатно помисливте дека со Општина Охрид се уште раководи бившото раководство кое максимално го поддржувавте а чија основна визија беше финансиско пустошење на Охрид и во таа смисла целосно беше сконцентрирано јавните паркинг простори во градов да ги дава под закуп на приватни лица. За да ве разбудиме од сонот би ви посочиле дека Јавното Претпријатие “Билјанини Извори“, бара партнер со кој што заедно ќе набават опрема за модерно функционирање на претпријатието. Таа опрема максимално ќе ја подобри наплатата на паркинзите а со тоа логички ќе се зголеми профитот на претпријатието и ќе се создадат реални услови за отворање на нови работни места. ЈП “Билјанини Извори“ со новата опрема и воведување на новиот систем на наплата, финансиски ќе се стабилизира и ќе нема никаква потреба луѓето да заминуваат од работа. – појаснуваат од локалната самоуправа.

Засега во јавност не се соопштуваат детали за оправданоста од реализација на идејата за јавно приватно партнерство со паркинзите во Охрид, односно колку ќе чини модернизацијата на системот за паркирање и дали тоа треба да биде инвестиција по пат на јавно приватни парртнерство или на градот, односно јавното претпријатие кое е формирано со цел да стопанисува со паркинзите.

OhridNews