Паркинзите во Охрид и понатаму тема на расправа помеѓу општинската ВМРО- ДПМНЕ и локалната самоуправа. Од ВМРО- ДПМНЕ побараа Антикорупциската комисија да реагира на распишаниот тендер на локалната за стопанисување со паркинг просторите во Охрид, во однос на периодот во кој тендерот е распишан.

–    Петрески се дрзна на два месеци пред заминување да распише тендер за стопанисување со паркинг простори на улиците на Охрид. Тоталното отсуство на знаење на Петрески и неговите тнр.експерти за сообраќај со овој чин го загрозуваат одвивањето на сообраќајот по улиците на Охрид, претворајќи го во паркинг места, а од друга страна создаваат проблеми на жителите кои имаат свои домови на овие улици и кои ќе останат без пристап за сопствените возила, рече на денешната прес- конференција портпаролот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Никола Митровиќ.


Како што тој додаде, издавањето на паркинзите довело до големи проблеми низ градот, до отпор на туристите и до криминални потфати од типот на незаконско зголемување на цените и дивјачко однесување на концесионерите кон граѓаните, туристите и кон новинарите.

Денешните обвинувања од ВМРО- ДПМНЕ, од кабинетот на  градоначалникот ги коментираат како залажување на граѓаните , преку преповторувањето на теми.


–    На денешната прес конференција , без аргумент ги обвинија градоначалникот Александар Петрески и  Локалната самоуправа  дека објавиле тендер за издавање под закуп на паркинзи по распишувањето на локалните избори. Ако го отворат  весникот „Вечер“ од 9 јануари 2013 година и ја прочитаат официјалната објава  и самите ќе видат дека јавно изнесуваат невистини. Доколку паркирањето и паркинзите  и натаму им се централна политичка тема , тогаш нека видат што се случува во градовите каде градоначалниците се од нивната партија ВМРО- ДПМНЕ . Ги потсетуваме дека сега во Охрид не се наплаќа паркирањето , а кога се наплаќаше имаше пониска цена , споредено со другите градови, велат од кабинетот на градоначалникот.

Како за пример, од локалната го наведуваат наплаќањето за паркинг простор во  скопскиот Клинички центар, каде граѓаните од целата држава мора да платат по 100 денари за паркирање.

OhridNews