Парламентарци на ОБСЕ ќе ги набљудуваат претстојните парламентарни избори во Македонија и ќе бидат на чело на мисијата на ОБСЕ во земјава, соопштуваат од организацијата. Претседавачот на ОБСЕ, Дирк Буркхалтер ја назначил Кристин Мутонен, пратеник од Австрија, за специјален координатор на мисијата за набљудувањето на 27 април, а португалската пратеничка Изабел Сантос ќе биде на чело на парламентарната мисија на ОБСЕ, која вклучува 30 парламентарци од 13 земји.
„Со голема радост очекувам да пристигнам во Скопје и да ги надгледувам изборите кои ќе помогнат да се консолидираат демократските придобивки. Оваа земја има голема можност, преку претстојните избори да ја потврди својата обврска кон слободни, фер и транспарентни избори”, изјавила Мутонен.
Членовите на делегацијата ќе бидат стационирани на различни гласачи места низ земјата, и ќе соработуваат со долгорочните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР Мисијата, во координација со колегите од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), се вели во соопштението од ОБСЕ.
Мисијата ќе донесе проценка дали изборите ги задоволуваат демократските обврски кон документот на ОБСЕ од 1990 година во Копенхаген.
Специјалниот координатор Мутонен е заменик претседател на австриската делегација во парламентарното собрание на ОБСЕ. Таа е пратеник во австрискиот Парламент уште од 1999 година, а членка е на Парламентарното собрание од 2000 година.Изабела Сантос, шефица на делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, во моментов е претседател на Комитетот на Парламентарното собрание на ОБСЕ за демократија и човекови права.
Парламентарното собрание на ОБСЕ претходно ги набљудуваше парламентарните избори во Македонија во 2011, 2008, 2002, 1998 и 1994 година, како и уште неколку претседателски избори.
OhridNews
извор Макфакс