Политичките партии ќе формираат истражувачко-аналитички центри за коишто годишно од буџетот ќе се одвојуваат 280 илјади евра.

Законот за партиски истражувачко-аналитички центри,  ја доби потребната поддршка во прво читање на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а треба да стапи насила во 2015 година кога ќе се одржат следните парламентарни избори.

– Целта на законот е да се зголеми квалитетот на водење на политиката преку истражувачки методи во работењето и делувањето на политичките партии, изјави Антонио Милошоски, еден од предлагачите.

Центрите ќе треба да имаат најмалку две, а најмногу четири лица вработени со полно работно време од кои еден од нив ќе биде раководител. Издвоените средства од буџетот за оваа намена, ќе се распределуваат на четирите партии кои ќе имаат најголем број избрани пратеници во Собранието. Предвидено е 60 проценти од средствата да се делат подеднакво на сите четири партии, а  останатите 40 проценти според бројот на пратеници.

Надзорот врз финансиското работење на центрите ќе биде регулиран со законот за финансирање на политичките партии.

Во правниот систем Македонија не постои законски основ за основање на Партиско истражувачко-аналитичките центри (ПИАЦ), како дел од внатрешната организација на политичката партија, поради што се предлага  донесувањето на овој закон.

OhridNew
извор: Макфакс