Оваа власт не е способна законски да спроведе ниту една статистичка операција како што е пописот, реагира Социјалдемократската партија по колективната оставка на Државната пописна комисија.

Опозицијата бара премиерот Никола Груевски и ВМРО – ДПМНЕ да понесат одговорност, затоа што, според нив, пописот во обид чини 14 милиони евра народни пари, кои отишле во ветер заради пазарењата со Ахмети и ДУИ.

„Прво, бараме Груевски да не се крие, да излезе и јавно да каже што точно се случува и кои се причините за овој огромен скандал за државата.Второ, бараме Груевски веднаш точно и прецизно да посочи кој ќе понесе политичка, морална и кривична одговорност за несовесното работење и класичната злоупотреба на народните пари. Од таа одговорност бегање нема.Трето, бараме Груевски конечно да и одговори на јавноста колку епизоди ќе има политичкиот пазар што го има направено со Ахмети. Граѓаните имаат право да знаат што уште ќе следи после пазарењата за хашките случаи и за пописниот фалсификат“ изјави Ана Павловска Данева, потпретседател на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека оваа партија е за строго и прецизно почитување на законите, владеење на правото и правната држава и тука нема отстапки, компромиси и договори.

„За разлика од СДСМ кој во 2002 година дозволи нереален и необјективен попис, кога во сред пописен процес беше сменет тогашниот директор на Заводот за статистика, кога тогашниот претседател на Државната пописна комисија ги спореше резултатите и кого огромното мнозинство на граѓаните не доби одговори и не можеше да сфати како Бранко Црвенковски изброја 120 000 граѓани етнички Албанци повеќе од претходно, денес законот мора да се почитува, а кон врвните интереси да се пристапува одговорно“ се вели во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

За потрошените пари за неуспешниот попис, од партијата велат дека нема сума на средства со кои можел да се купи необјективен попис.

„Средствата кои се потрошени се минорни во споредба со можноста да се реализира необјективен попис од кој не би имал корист никој. СДСМ треба да ги објасни своите штетни постапки од минатото, со кои дозволи нереален и необјективен попис, кој ќе остане запаметен, наместо како статистичка операција, како класичен неодговорен политички дил на Бранко Црвенковски, со кој се обиде да ја компензира својата неспособност и немањето резултати од корист за граѓаните“ се вели во реакцијата на партијата.

Според ВМРО-Народна партија, недозволиво е во рок од 15 дена првите луѓе на Државната пописна комисија (ДПК) да даваат оставки, а да не бидат повикани на одговорност.

„Доколку имало проблеми, нерегуларности, притисоци и други отворени прашања повлекувањето требаше да го направат многу одамна а не еден ден пред официјалното започнување на пописот или средината од спроведувањето на поописот т.е. пет дена до завршувањето на пописот. Недозволиво е поединци да си играат со иднината на Република Македонија како и со статусот и угледот на нашата држава“ се вели во соопштението на ВМРО-Народна партија.

Според нив, ова претставува само печат на она што се нарекува неуспешен попис во државата.

„Првиот планиран попис за април 2011 година се откажа, а пописот во октомври 2011 е пред колапс“ велат од партијата и додаваат дека тие пред повеќе од една година укажувале на опасноста од пропаѓање на пописот  и од опасноста од крајно нерегуларен и како што велат, попис со нереални бројки и договорени проценти.

OhridNews
извор: „Макфакс“