На трибината на која присуствуваа владини министри, пратеници и директори на јавни претпријатија, Ставрески направи пресек на сработеното во досегашниот мандат на премиерот Груевски, посочувајќи ја економијата како клучен сегмент на кој се потпира политиката на Владата на ВМРО ДПМНЕ.
-Во првите две години од мандатот на оваа Влада, 2007 и 2008 година, Македонија ги оствари највисоките стапки на економски раст од 6, односно 5 проценти. Немавме среќа со општите состојби во светот и глобалната економска криза која го запре трендот на економски раст во Македонија. Поради тоа ние моравме да се соочиме со други приоритети, односно наместо мерки за креирање нови работни места дејствувавме да не дојде до отпуштања, како да не се намалат пензиите, како да не се зголемат даноците, мерки кои ги спроведоа најголем дел од земјите во ЕУ.-рече Ставрески.
Тој посочи дека и покрај неповолните економски услови Владата спровела многу реформи во економската и даночната сфера, во администрацијата и направила сериозни промени во институциите како царината и катастарот, кои, како што рече Ставрески, денес функционират поефикасно од порано.
Трибината на која присуствуваа голем број симпатизери и членови на партијата започна со едноминутно молчење, во знак на почит кон неодамна починатиот пратеник на ВМРО ДПМНЕ, Д-р Владо Стефаноски.
Од ВМРО ДПМНЕ истакнуват дека ваквите трибини се вообичаена пракса на партијата, не само во период на избори, и дека на тој начин раководството остварува непосреден контакт со граѓаните од кои ја добиваат поддршката на последните неколку изборни циклуси.