–Предлогот за користење на пунктот во Радожда е неприфатлив затоа што инфраструктурата таму не одговара на димензиите на нашите пловни објекти, потребни се преправки и изградба на нова инфраструктура. Меѓутоа не е решено чија ќе биде таа инфраструктура, а бродарите да градат нешто на локација која не е нивна е несериозно, рече Горан Устијаноски од Здружението на бродари.
Тој посочи дека за бродарите неприфатливи се предлозите проблемот околу техничкиот преглед на суво да биде решен со импровизации, кои можат да им наштетат на самите бродови, но и на угледот на бродарството.
– Секоја импровизација и кревање на бродовите на партизански начин со дигалки и постапки кои не се познати во светската пракса, ќе биде само еден срам за нашето бродарство и ќе придонесе за негово деградирање, а може да бидат оштетени и самите пловни објекти.-вели Устијаноски.
Тој укажа дека доколку не се изнајде соодветно решение за проблемот, по туристичкиот шпиц и пост сезоната, охридските бродари ќа ги промашат и новогодишните празници, што крајно негативно ќе се одрази на нивната ионака влошена економска состојба.