– Целта е единствена: презентација и афирмација на македонската археолошка наука и македонското културно наследство пред светската јавност. Незаобиколно е да се спомене и фактот дека овој проект веќе е исплатлива инвестиција, бидејќи една ваква атрактивна научна и културна претстава во уште поатрактивен природен амбиент, има силни стопанско-туристички и материјални ефекти. Најголем доказ за тоа претставуваат остварените приходи од над 6.000.000 денари од отворањето до денес што претставува неоспорен доказ за развој на културниот туризам на овој простор. Незанемарлив е и фактот дека за изградба на овој музејски комплекс збогатена е и општинската каса со тоа што се платени комуналии во висина од 5.000.000,00 денари. Меѓутоа, за жал, постојат личности кои ваквите проекти постојано ги критикуваат, притоа изнесувајќи огромен број невистини. Тие личности се опседнати со…. “колибите кои се изградени од слама, прачки и кал, за кои се потрошени неколку милиони евра и уште недоизградени почнаа да се распаѓаат”. Очигледно тие личности се уште не го посетиле музејскиот комплекс “Залив на Коските” и даваат паушални изјави на невидено, или пак што е пострашно, го посетиле, но не го сфатиле начинот на презентацијата на дрвените куќи од палафитната населба, стои во дописот.
– Господине Велјаноски, за музејскиот комплекс “Залив на коските” се грижи и управува НУ Завод и Музеј – Охрид. Јас, како директор на ова установа најодговорно тврдам дека во музејскиот комплекс ништо не се распаѓа и нема да дозволам со вакви дезинформации комплексот да биде злоупотребен во политички цели. Напротив, се е изведено со совршен квалитет и се одржува толку добро за да трае вечно. А вие, очигледно сте во заблуда, непознавајќи ги принципите на заштита и начинот на презентација на една градба како што е наколната палафитна населба со дрвените куќи. Нашата цел при реализацијата на овој проект беше да ги прикажеме сите градежни материјали кои се употребувале при изградба на една куќа од палафитната населба, што значи дека не се работи за отпаднати малтери, а уште помалку за објекти кои се распаѓаат уште недоизградени. За да не дојдете во ситуација и понатаму да давете вакви паушални изјави на кои секој може да Ви се смее, Ве молам своите коментари најдобро е да ги насочите во правец на Вашата професија за која сигурно сте компетентни да давате изјави и да пишувате критики. Очигледно е дека архитектурата и археологијата не Ви лежат. А сега доколку не сте биле во музејскиот комплекс “Залив на коските”, Ве молам погледајте ги следните фотографии и уште еднаш кажете пред јавноста: што е тоа што се распаѓа во музејскиот комплекс уште недоизградено? , вели Паскали- Бунташеска.