Проектите предвидени во програмата за 2016 година целосно се реализирани, изјави на прес конференција директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска. Од реализираните ги издвои проектите за санацијата и реставрацијата на повеќе фасади на објекти заштитени со закон на подрачјето на Охрид и Струга, потпорни ѕидови, заштита и конзервација на повеќе сакрални објекти, како и заштита на вредни предмети, монети, артефакти и збирки од културно – историски значење, археолошки истражувања.

– Изработени се голем број на елаборати од движно наследство, етнолошкии историски збирки кои ги поседува Завод и Музеј, за кои чекаме секој момент решение за заштита, меѓу кои за старата ракописна збирка, за галеријата на икони, за збирката на икони од Струга и за збирката на монети од Самуиловата тврдина. Исто така изработени се голем број елаборати за недвижно наследство, како и заштитно конзерваторски основи за урбанизација на сите четири општини коишто ги покриваме, Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани. – истакна Паскали Бунташеска.


Тања Паскали Бунташеска

Во 2016 година реализирани се повеќе меѓународни проекти и претставување на културно историското наследство во странство на изложби и значајни настани. Со средства од американската амбасада извршена е конзервација и рестарврација на црквата Св. Богородица Перивлепта, додаде Паскали Бунташеска.

Таа посочи дека во 2017 година исто така е предвидена богата програма за реализација. Планирани се конзерваторско реставраторски работи на повеќе фасади во Охрид и Струга, како и на живописот на значајни сакрални објекти, меѓу кои и на црквата Св. Богородица Захумска.

Во рамки на истражувачката дејност, годинава треба да се промовираат две книги за Заливот на коските и за праисториската населба на Охридското Езеро Пенелопа, а прифатени се и доста проекти од музејската дејност и изложби, посочи Паскали Бунташеска.

Во 2017 година ќе продолжат активностите за возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник кој треба да биде комплетно завршен во 2018 година, a предвидени се и археолошки истражувања во стариот дел на Охрид и на локалитетот Манастириште кај Љубаништа. 

Г.М.