Договор за давање на МЈП Проаква под концесија не е потпишан од страна на општина Охрид, ниту советите на Охрид и Струга имаат донесено одлука за тоа, но неизвесно е дали стопанисувањето со водата во двата града може да го преземе шпанската компанија „Аквалија“ која е избрана за најповолен понудувач на тендерот распишан во 2011 година. Ова денеска на прес конференција го изјави директорот на МЈП Проаква Томе Паскалоски, откако темата деновове се актуелизираше во меѓусебните обвинувања помеѓу локалната власт и опозцијата.

-Договорот е обемен, напишан е на 1000 страници и се уште го испитуваат правни експерти дали ќе има правни последици доколку не се потпише истиот со најповолниот понудувач. Каков ќе биде епилогот и како ќе реагираат властите на повисоко ниво, кои исто така го разгледуваат случајот, јас сега не можам да кажам. –рече Паскалоски.


Томе Паскалоски

Тој истакна дека „Аквалија“ веќе контактирала со локалните самоуправи на Охрид и Струга и владата од кои побарала информации до каде е постапката за доделување на концесијата, како и дали и кога ќе биде потпишан договорот.

Доколку Проаква се даде под концесија, ќе згасне како претпријатие?

Паскалоски смета дека целокупната постапка била водена нетранспарентно, а договорот бил конципиран целосно во интерес на инвеститорот. Во него се предвидува тој под концесија во период од 35 години да добие ексклузивно право на стопанисување со водата, колекторот и канализационите системи во Охрид и Струга, да ги преземе сите побарувања, но не и обврските кои произлегуваат од досегашното работење на Проаква, а на работа да задржи помал дел од вработените во претпријатието. Предлог договорот предвидува поскапување на водата, односно, како што појасни Паскалоски, годишно порамнување на цената на чинење на водата според индексот на цените на мало.

– Едно треба да е јано. Никој не купува фирма особено ако е во загуба. Во случајот ќе се формира нов правен субјект кој ќе стопанисува со водата, колекторот и канализациониот систем и сите јавни добра ќе бидат дадени на користење на нов правен субјект. Нема да има приход, а ќе бидат преземени 260 од над 600 вработени. Во 2005 година Проаква имаше 307 вработени, а тој број потоа двојно е зголемен. Намален е приходот со формирање на Нискоградба и фирмата работи со загуба, а тоа е направено се со цел да се прикаже дека самостојно не може да стопанисува и треба да се продаде.-рече Паскалоски Тој додаде дека побарувањата на Проаква изнесуваат над 400 милиони денари, колку што потенцијалниот концесионер се обврзал да инвестира во претпријатието со предлог договорот, додека обврските остануваат на Проаква. 

Директорот на Проаква смета дека е крајно штетно Охрид да ги даде под концесија водните потенцијали, поради фактот што Охридското Езеро е најголем басен со питка вода во овој дел од Европа и претставува непроценливо богатство. 

Зошто поскапе водата во периодот до 2005 и дали е извршен технички прием на инфраструктурните проекти од тој период?

Запрашан за зголемувањењто на цената на водата согласно договорот за формирање на МЈП Проаква во периодот до 2005 година, кога тој беше на раководната функција во јавното претпријатие, Паскалоски истакна дека тоа е направено во согласност со одлука на Владата во времето на премиерот Љубчо Георгиевски и советот на општината во кој мнозинство тогаш била сегашната опозиција. Во врска со грантот и кредитот од странска банка за проектот за сепарација на фекалната од атмосферската канализација и изградба на водоводен систем, Паскалоски  тврди дека истиот бил успешно спроведен, иако како што посочи и самиот, целокупно не бил извршен технички прием на дел од изградената инфраструктура. 

Тоа беше грант, завршните ситуации се презедоа, тој проект се заврши и беше еден од најуспешните. Беше извршен технички прием за пречистителната станица и за најголем дел од инфраструктурата, а не беше технички прием извршен единствено за дел од водоводот.-рече Паскалоски. 

Грантот за овој проект изнесуваше 10 милиони евра, а дополнително Проаква за реализација на проектот се задолжи со кредит во висина од 3,79 милиони евра, кој е искористен рационално, вели Паскалоски.

-Со тие средства се направија многу добри работи за Охрид. Се направија 25 километри водоводна мрежа, нови резервоари со капацитет од над 2500 метри кубни метри, нови бунари, пумпни станици, се купија нови возила за чистење, нова опрема, цевки, опрема за компјутери. Обврските од кредитот до 2005 година се плаќаа редовно, а после тоа престанаа да се плаќаат, истакна Паскалоски.

Г.М.