Лоши економски параметри, лоши предвидувања на оптимално произведените киловат часови енергија, го карактеризираат договорот за јавно- приватно партнерство за стопанисување со малите хидроелектрани Летнички извори склучен меѓу општина Охрид и приватна компанија во 2008 година, потенцира директорот на МЈП Проаква Водовод Охрид, Томе Паскалоски.
– Основно е дека овој договор за основање на новото друштво со ограничена одговорност предвидува соодветна распределба на нето добивката која ќе се калкулира на следниот начин- учеството во нето добивката на јавниот партнер( општина Охрид и МЈП Проаква) во новоформираното заедничко друштво ќе биде 31% од предвидените оптимално произведени 3 млиони 174.000 киловат часови електрична енергија на годишно ниво. 99% од капиталот му припаѓа на приватниот партнер, 1% на јавниот, а и двете страни имаат ист процент на право на гласови при носењето на одлуки. Направени се суштински грешки во договорот, категоријата нето добивска е сосема различна од она што значи вкупен приход- испорачана енергија и вкупен приход е едно, а друго е нето добивка. Ако ние имавме 31% од вкупниот приход ќе имавме приход од 4 милиони денари во најлош случај, објаснува Паскалоски.
Тој посочува дека основната грешка во договорот се наведените оптимално произведени киловат часови енергија.
– Откако е формирано претпријатието, се произведуваат околу милион и половина или милион и 600.000 киловат часови годишно наместо оптимално предвидените 3.174.000 киловат часови, па така вкупниот приход на претпријатието е драстично помал. Околу 12 милиони денари е годишен вкупен приход на друштвото од кои само по основ на амортизација и камати од кредити, долгорочни или камати према поврзани субјекти се околу 11 милиони денари. Секоја година при ревизија на годишните сметки се утврдува загуба од околу 680000 денари, додава директорот.
Доколку дојде до раскинување на договорот кој е склучен за период од 40 години, општината и МЈП Проаква на приватниот партнер се должни да му исплатат надомест за сите досегашни направени инвестиции, проектни документации, елаборати и опрема во висина од над 2 милиони евра. Согласно договорот, по изминувањето на периодот од 40 годин хидроелектраните остануваат во владение на јавното претпријатие и градот.
Т.К.