– Управата за заштита на културното наследство, најостро го осудува обезличувањето на македонскиот јазик во Вашиот Извештај со употреба неутрални форми на изразување, а со тоа и обезличување на македонскиот народ, македонската земја, македонската традиција-македонскиот идентитет. Искрено се надеваме дека во иднина Европската комисија ќе го употребува содветното име на нашиот македонски јазик, е наведено во писмото потпишано од директорот на Управата, Паско Кузман.
Поради големото цивилизациско, хуманистичко и историско значење на јазикот, воопшто, УНЕСКО во 2003 година ја донесе Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, во која го вградува и јазикот (член 2, став а) како пренесувач на нематеријалното (духовното) културно наследство. Досега оваа конвенција ја имаат прифатено 137 земји-членки на УНЕСКО, од кои 34 се европски. Од Управата посочуваат дека Република Македонија во 2006 година ја ратификувала Конвенцијата и ги вградила нејзините одредби во Законот за заштита на културното наследство, па така, како што велат, македонскиот јазик е прогласен за духовно културно наследство од особено значење.
– Неупотребата на зборот „македонски“, односно неговата замена со „јазикот на мнозинскиот народ во земјата“ во Вашиот Извештај предизвикува основан сомнеж за негирање на цивилизациската вредност наречена македонски јазик, а со тоа и непочитување на еден многу значаен акт на УНЕСКО, со кој, пак, му е дадено достоинствено место на јазикот како најголема привилегија на човекот. Вашите оправдувања дека се работи за „технички пропуст“ или дека во документите на вашите институции „нема таква практика“ во најмала рака се наивни или несериозни, стои меѓудругото во писмото од Управата за заштита на културното наследство.