Во 2013 година, ЈНУ Хидробиолошки завод реализира бројни активности и постигна значајни резултати на повеќе научни полиња, информира директорката на установата, Сузана Патчева.

Во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) како финансиер, започна имплементацијата на регионалниот проект за заштита и одржливо искористување на биодиверзитетот на Охридското, Преспанското и Скадарското Езеро. Во рамките на проектната компонента за категоризација на езерата во согласност со Рамковната Директива за води на ЕУ беше формирана меѓународна работна група составена од претставници на релевантни институции од земјите учеснички во проектот Македонија, Црна Гора и Албанија. Како резултат на нивната работа се усогласи заеднички протокол за Мониторинг на езерата. Хидробиолошки завод – Охрид со свои експерти е учесник на работната група за води и врши мониторинг на македонскиот дел на Охридското и Преспанското Езеро, изјави Патчева.

Меѓу другото, Патчева изрази задоволство и од реализираниот вештачки мрест на охридската пастрмка, при што беа собрани околу два милиони зрна икра што претставува зголемување за 30% споредено со минатата година.

Од наша страна се прават напори и за разрешување на проблемот со намалувањето на рибниот фонд во Охридското Езеро со усогласување на законските регулативи и начини на работа помеѓу Македонија и Албанија. За таа цел ние како институција сме во постојани контакти со нашите албански колеги од аспект на стручност и сите имаме една генерална согласност околу тоа прашање,вели Патчева.

Директорката на Хидробиолошки завод, меѓу позначајните го истакна и проектот за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција, за мониторинг на водните ресурси, во чии рамки охридската научна установа доби целосно автоматизирано пловило кое ќе го испитува квалитетот на водата во Охридското Езеро.

Т.К.